МАКЕДОНИЈА САКА ЕВРОПСКА ИДНИНА СО ИСПРАВЕНА ГЛАВА Мицкоски повика на национално единство околу големите стратешки цели
Доста беше со поделби. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции. Време е за големи одлуки. Време е за нова национална самодоверба. Државата е создадена да ги победи сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето – порача Мицкоски во Куманово.
Македонија е поголема од секоја политичка генерација! Државата е поголема приказна од сите кусогледни и лични интереси. Татковината се брани со принципи, вера и резултати, не со навреди, договори под маса, рече премиерот Христијан Мицкоски во неговото обраќање по повод 11 Октомври во Спомен Костурницата во Куманово.
Според него, на Македонија ѝ е потребно национално единство околу големите стратешки цели.
– Пред нас е деценија на големи промени. Не смееме да ја трошиме иднината на оправдувања. Потребни се реформи, инвестиции, инфраструктура, современо образование, силно здравство и институции што ќе им служат на граѓаните. Нашите предци не ни оставија слободна држава за ние да се плашиме од нејзината иднина. Ни ја оставија за да имаме храброст да ја градиме. Слободата што ја наследивме не е наша заслуга. Но државата што ќе ја оставиме зад нас ќе биде наша одговорност – рече Мицкоски во својот говор во Куманово.
Премиерот оцени дека Македонија предолго живеела во рамките на мали очекувања.
– Доста е од мали амбиции и изгубени можности. Предолго се задоволуваше со просечност. Време е да поставиме големи национални цели, да носиме храбри одлуки и да создадеме држава која нема да преживува, туку ќе напредува. Не смееме да бидеме заглавени, заробени помеѓу мочуриштето и талогот насобран со децении. Лошата вест е што тие го окупираат просторот внесувајќи лаги, сомнежи, подметнувања, создаваат немир и постапуваат лукаво. Се радуваат на секоја лоша работа, а посакуваат и работат на неуспех. Се продаваат на оние кои немаат добри намери кон државата, за нивни најверни слуги, ортаци во намерата да ја видат државата на колена. Добрата вест е што се прочитана книга и им се гледа крајот. Народот победува. А татковината не само што не паѓа на колена, туку се враќа на народот – оцени Мицкоски.
Според него, најголемата национална битка е битката за младите. Мора да се изгради иднина во која младите нема да избираат меѓу татковината и сопствената иднина.
– Секој ден легнувам и станувам со прашањето дали успеваме и дали можеме подобро? Би дал сè за да го решам секое прашање и мака на народот. И сигурен сум дека може повеќе, но исто така сигурен сум дека успеваме и го давам последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме реформи во хаосот кој го затекнавме. И тоа го говорат бројките кои не се само статистика туку реален факт и показател. Во вториот квартал од 2026 година остваривме раст на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти, номинален раст од повеќе од 8% – рече Мицкоски.

Тој додаде дека извозот во првите осум месеци од годината достигнал 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Тоа значи поголем пласман на македонските производи на странските пазари, повеќе економска активност и нови можности за домашните компании. Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент.
– Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближи кон онаа бројка од просечна плата од 1.000 евра или нешто повеќе од 60.000 денари. Последните месеци, или трите месеци од третиот квартал — тоа се јули, август и септември — трошоците за живот пораснаа од 2,3 до 2,7% или нешто повеќе од 2,5%, во услови кога просекот во Европската Унија е повеќе од 3,8%, или 25% помалку од она што расте во рамките на Европската Унија. Значи, не била точна таа теза дека инфлацијата била увезена и трошоците за живот морале да растат затоа што тие растеле и на други места во рамките на ЕУ – рече премиерот.
Тој додаде дека во септември, ако кај нас инфлацијата била 2,7, во Грција била повеќе од 5%, во Бугарија – 5,6%, а и кај другите соседи била повеќе од 4%.
Во врска со опозицијата рече дека зборува за сѐ, а бега од народот и затоа не зборува за избори.
– Доста беше со поделби. Доста беше со изговори. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции. Време е за големи одлуки. Време е за големи дела. Време е за нова национална самодоверба. Државата е создадена за да се развива, да напредува, да создава и да победува! Не да победува други народи, туку да ги победи сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето – порача Мицкоски во Куманово.
Во врска со отворените прашања коишто ги има Македонија со Бугарија, Мицкоски рече дека „ние не бараме светот да се прилагодува на нас“.
– Ние бараме да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме останатите. И затоа сакам јасно да кажам: Нема да ја градиме иднината врз омраза. Нема да ги претвораме разликите во непријателства. Нема да дозволиме минатото да биде пречка за соработка. Но нема ниту да се откажеме од сопственото достоинство. Бидејќи вистинското пријателство не бара откажување од себе. Вистинското пријателство се темели на заемна почит. И вистинската европска иднина мора да биде иднина во која државата ќе влезе со исправена глава. Не со чувство на пораз. Туку со чувство на припадност. Нашата цел е европска иднина. Но држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина. Достоинство не е предмет на преговарање. Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации – нагласи Мицкоски.
Тој нагласи дека нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува.
– Не бараме Европа да избира меѓу нас и нив. Бараме европските принципи да важат еднакво и за сите – додаде тој.