САД ТРУПААТ ВОЕНИ СИЛИ ОКОЛУ ИРАН Американските медиуми шпекулираат за нов голем напад
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот рече дека САД нема да го нападнат Иран пред среднорочните избори во ноември и дека двете земји водат „продуктивни разговори“.
Американската војска подготвува опции за рестартирање на големите борбени операции против Иран, иако претседателот Доналд Трамп досега не покажа подготвеност за нова ескалација на војната, пишува „Њујорк тајмс“.
Во регионот на Блискиот Исток периодов повторно се собира голема американска воена сила. Три носачи на авиони наскоро треба да бидат во регионот на Блискиот Исток, што би било првпат од 2003 година три американски носачи да бидат распоредени таму истовремено.
Трамп, сепак, во последните месеци постојано ги отфрла предлозите за големи напади врз Иран или врз Хутите во Јемен. Во четвртокот, тој рече дека САД нема да го нападнат Иран пред среднорочните избори во ноември и дека двете земји водат „продуктивни разговори“.
Од друга страна, високи американски безбедносни претставници, предводени од потпретседателот Џеј Ди Венс, разговараа за нови опции за напад минатиот петок во Кемп Дејвид. Според луѓе запознаени со предлогот, планот се базира на кратка и интензивна кампања што би траела околу три дена. Главни цели би биле иранските ракети и беспилотни летала, а како цели се споменуваат и енергетски објекти и командни места на Револуционерната гарда. Американските претставници проценуваат дека Иран ги подобрил своите воени тактики во последните месеци и станал потежок противник.
Денеска, пак, американската амбасада во Јордан ги повика американските граѓани што се наоѓаат на Блискиот Исток да бидат особено внимателни, поради влошената безбедносна состојба и ризикот од брза ескалација на конфликтот. Предупредувањето се однесува на можни откажувања на летови, затворање на воздушниот простор и други нарушувања во патувањето. Американските власти предупредуваат и дека Иран и групите што го поддржуваат би можеле да нападнат американски интереси и објекти поврзани со САД во странство.