ПОЛ МАКАРТНИ И НЕНСИ ШЕВЕЛ СЛАВАТ 15 ГОДИНИ БРАК На легендарниот музичар бракот со 18 години помладата сопруга му е трет по ред
Поранешниот член на „Битлси“ и неговата сопруга се венчаа на 9 октомври 2011 година во Лондон. По деценија ипол заеднички живот, парот и понатаму ја чува приватноста и ретко зборува за својот однос.
Пол Макартни и неговата сопруга Ненси Шевел слават 15 години брак. По тој повод, магазинот „Пипл“ објави галерија од десет фотографии што потсетуваат на најважните моменти од нивната врска, од јавните појавувања до нежните моменти што ги споделиле пред камерите.
Макартни (84) и Шевел (66) се запознале во 2007 година, а се венчаа на 9 октомври 2011 година на скромна граѓанска церемонија во старата градска матична служба „Олд Мерилебон“ во Лондон. На свадбата присуствувале членови на семејството и блиски пријатели.
Иако се едни од најпознатите парови во музичкиот свет, двајцата претпочитаат приватност. Сепак, повремено се појавуваат заедно на јавни настани, вклучувајќи ги доделувањата на музичките награди „Греми“, балетските гала-вечери во Њујорк и ревиите на модната куќа на ќерката на Макартни, Стела Макартни.
Исто така, Шевел редовно го придружува сопругот на важни настани поврзани со неговата кариера. Меѓу нив е и церемонијата на приемот на Ринго Стар во Куќата на славните на рокенролот.
Макартни неодамна зборуваше и за нивното секојдневие, одговарајќи на прашање од обожавател на официјалната интернет-страница на „Битлси“. На прашањето што прават кога се дома и немаат професионални обврски, музичарот одговорил дека разговараат, се договараат за денот и заедно подготвуваат оброци.
– Сакаме да готвиме – открил тој, додавајќи дека понекогаш гледаат телевизија, додека тој обично чита биографија пред спиење.
– Прилично сме како секој друг нормален пар – рекол Макартни.
За легендарниот музичар ова е трет брак. Претходно беше во брак со фотографката Линда Макартни од 1969 година до нејзината смрт од рак на дојка во 1998 година. Заедно имаа три биолошки деца, Мери, Стела и Џејмс, а тој ја посвои и Хедер, ќерката на Линда од претходната врска.
Во 2002 година се ожени со Хедер Милс, со која ја има ќерката Беатрис. Нивниот брак заврши со развод во 2008 година, по долг и медиумски следен судски процес.
Шевел има син, Арлен, од претходна врска. Таа и Макартни со години успеваат да го држат својот однос подалеку од јавните драми, а ретките заеднички фотографии покажуваат дека и по 15 години брак остануваат блиски.