ПОЧИНА НА 32 ГОДИНИ, САМО МЕСЕЦ И ПОЛ ПО ПОРАЃАЊЕТО Позната манекенка доживеала инфаркт во болница

Џиане Алвеш се онесвестила додека го носела својот новороден син на рутински преглед. Зад себе ги остави сопругот и двете мали деца.

4

Бразилската манекенка Џиане Алвеш почина на 32-годишна возраст, само шест недели откако го роди своето второ дете. Таа доживеала срцев удар во болница во бразилскиот град Кондеуба, каде што го однела својот 45-дневен син Фелипе на рутински преглед.

Трагедијата се случила на 2 октомври. Манекенката била со бебето, сопругот Жозе Собриињо, нивниот седумгодишен син Гаел и пријателка кога ненадејно се онесвестила. Медицинскиот персонал веднаш се обидел да ѝ помогне, но не успеал да ја спаси. Како причина за смртта бил наведен акутен инфаркт на миокардот.






Нејзиниот агент и долгогодишен пријател Мигел Криспим изјавил дека немало никакви претходни знаци за здравствен проблем, а и втората бременост поминала без компликации.

– Беше здрава, не пиеше алкохол, не пушеше, не земаше лекови и редовно одеше на прегледи. Беше во одлична здравствена состојба – изјавил Криспим за бразилските медиуми.

Џиане зад себе остави меѓународна манекенска кариера, која започнала сосема случајно. Во 2015 година, кога имала 21 година, работела на бензинска пумпа во Сао Паоло. Таму ја забележала жена која работела како скаут за модна агенција и ја поканила да се запознае со агенцијата.

Иако првично не планирала да стане манекенка, прифатила да се обиде. Наскоро почнала да добива ангажмани, а кариерата ја одвела во Милано, Њујорк, Лондон, Хамбург и Португалија. Работела и во Бразил, учествувала на модни ревии и се појавувала во познати списанија како „Вог“, „Ел“ и „Л’Офисиел“.

Во текот на кариерата соработувала со повеќе меѓународни модни агенции, меѓу кои и „Вилхелмина моделс“ во Лос Анџелес. Нејзиниот агент истакнал дека соработувале повеќе од 12 години и дека ја памети не само како успешна манекенка туку и како искрена, грижлива и прекрасна личност.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Giane Alves (@giane.alves)

По години поминати во Сао Паоло и во странство, Џиане решила да се врати во родната сојузна држава Баија, за да живее поблиску до семејството и да им посвети повеќе време на децата.

– Сакаше помирен и поздрав живот, далеку од метежот, за да може да ги одгледува децата – раскажал Криспим.

Нејзината смрт го потресе семејството, пријателите и луѓето со кои работела во модната индустрија. Погребот бил одржан во нејзиниот роден крај, во областа Алехре, во општината Кондеуба.

 

Поврзани содржини