📽️ ХАРИ ДОЛГО ЈА ПОТИСНУВАЛ ТАГАТА ЗА МАЈКА МУ Принцот зборуваше за депресивниот период во Канада, но и за болката што ја носи од детството

Принцот Хари откри дека западнал во депресија по преселбата во Канада и дека со години ја потиснувал тагата по смртта на мајка му, принцезата Дијана, додека истовремено чувствувал вина ако бил среќен

26

Принцот Хари отворено проговори за тешкиот период низ кој минувал по заминувањето од Велика Британија и за децениската болка по смртта на неговата мајка, принцезата Дијана. Во нова видео-лекција за платформата „Мастерклас“, во разговор со невронаучничката и експертка за тагување Мери-Франсис О’Конор, војводата од Сасекс откри дека по преселбата во Канада во 2019 година западнал во депресија која траела околу две недели.

Хари раскажал дека тој и Меган Маркл се преселиле во Канада со нивниот тогаш мал син Арчи за да се оддалечат од притисокот и да добијат простор за себе. Но, откако се нашол надвор од средината во која постојано бил под стрес, доживеал нешто што претходно не го почувствувал.






– По два или три дена во Канада, далеку од стресната средина во која моето тело веројатно постојано беше преплавено со адреналин, доживеав нагло опаѓање на адреналинот. Тоа никогаш претходно не ми се случило – раскажа Хари.

Тој објаснил дека имал чувство оти му е потребен стрес за да може нормално да функционира.

– Како да ми беше потребен стресот за адреналинот да ми помогне мозокот да работи, бидејќи дома станав бескорисен. Всушност, западнав во депресија околу две недели и чувствував дека не можам да функционирам без адреналин – признал принцот.

Хари зборува и за болката што ја носи од детството, откако неговата мајка Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, кога тој имал само 12 години. Иако бил член на кралското семејство, вели дека не знаел како да се справи со тагата и немал простор во кој би можел да ги изрази чувствата.

– Би помислиле дека ја имав најдобрата можна помош на светот. Па јас сум принц, нели. Но, и понатаму тагував и немав каде да ги сместам тие чувства – вели тој.

Хари открил дека со години бил емоционално вкочанет и дека чувствувал вина при помислата дека би можел да биде среќен без мајка си. Верувал дека мора да биде тажен за да ѝ докаже колку му недостига.

– Толку долго бев емоционално вкочанет, во голема мера затоа што чувствував нелојалност и вина при помислата дека би можел да бидам среќен и радосен без неа. Чувствував дека морам да бидам тажен и емоционално вкочанет за да ѝ докажам дека ми недостига – објаснил тој.

Една од најболните работи што ги открил е дека со текот на времето заборавил како звучел гласот на неговата мајка и како се смеела. Обидувајќи се да се заштити од болните спомени, неговиот ум ги потиснал и убавите моменти што ги паметел со неа.

– Го заборавив гласот на мајка ми. Ја заборавив нејзината смеа. Не можев навистина да си замислам како изгледала ако не гледав нејзина фотографија – вели Хари.

Тој откри дека дури и во дваесеттите години се обидувал да избега од чувствата, меѓу другото и преку воената служба. Двапати заминал во војна, верувајќи дека така ќе успее да ја надмине болката, но со текот на времето сфатил дека потиснатата тага не исчезнува сама од себе.

Пресврт во неговото закрепнување била психотерапијата. По совет од терапевтка, Хари ја помирисал омилената парфемска нота на мајка си, што му помогнало повторно да пристапи до спомените што долго време ги потиснувал.

– Беше како да сум пренесен во друго време. Тоа отклучи сè што дотогаш беше заклучено – раскажа тој.

Со текот на времето, Хари дошол и до поинакво разбирање на сопствената тага. Сфатил дека среќата не значи дека ја заборавил мајка си или дека ѝ е помалку посветен.

– Она што го открив е дека таа, всушност, само сакала да бидам среќен – вели принцот.

Видеолекцијата е дел од програмата „Redefining Grief: Building Resilience Through Loss“ („Поинакво разбирање на тагата: Како да изградиме отпорност по загубата“), во која Хари зборува за загубата, траумата и начините на кои луѓето можат да научат да живеат со болката. Програмата беше објавена во пресрет на Светскиот ден на менталното здравје, кој се одбележува на 10 октомври.

Хари вели дека е важно луѓето да разберат дека по загубата повторно смеат да чувствуваат радост и дека тоа не е предавство кон оние што ги изгубиле. За него, прифаќањето на тагата било важен чекор кон закрепнувањето и поинаков поглед на животот.

Поврзани содржини