ТРОЈЦА СТРАНЦИ ЗАГИНАЛЕ ВО НАПАДИТЕ ВРЗ 2 АЕРОДРОМИ ВО САУДИСКА АРАБИЈА Ријад не кажува кој ги ракетирал објектите
Во нападот врз аеродромот во Абха загинале две жени, државјанки на Алжир и на Мароко, а во нападот врз аеродромот во Ријад загинал државјанин на Судан, соопшти Управата за цивилно воздухопловство на Саудиска Арабија, без да прецизира кој ги извршил нападите.
Три лица загинаа, а десетици се повредени во нападите врз два аеродрома во Саудиска Арабија, соопшти денеска саудиската Управа за цивилно воздухопловство.
Нападите биле извршени во вторникот и во средата врз аеродромите во Ријад и во Абха.
Во нападот врз аеродромот во Абха на југозападот од земјата, загинале две жени, државјанки на Алжир и на Мароко, а повредени се 28 лица, меѓу кои и саудиски државјани.
Во нападот врз аеродромот во Ријад загинал државјанин на Судан, а уште 8 лица биле повредени.
Во двата напади е причинета и материјална штета, но Управата не соопшти дополнителни детали. Саудиската Управа не наведе кој стои зад нападите, ниту од каде биле извршени.
Одговорноста за напади извршени оред овие напади ја презедоа јеменските бунтовници Хути. Тие во понеделникот објавија дека истрелале балистичка ракета кон меѓународниот аеродром во Абха.
Хутите во последните денови ги интензивираа нападите врз цели во соседна Саудиска Арабија, додека војната во Јемен ескалира.
Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата јеменска Влада и повеќепати изведуваше воздушни напади врз шиитските бунтовници Хути. Според наводи на јеменската Влада, владините сили во неделата почнале офанзива со цел повторно да ги заземат сите подрачја што се под контрола на Хутите.