НОВИ ОБВИНЕНИЈА ПРОТИВ МАДУРО И НЕГОВАТА СОПРУГА Ги товарат за брутално мачење Американци со електрошокови, давење со вода и затворање во самици
Обвинителите во Њујорк разгледуваат нови обвиненија за наводно мачење американски државјани во Венецуела. Поранешни притвореници сведочеле за електрошокови, симулирано давење, сексуални закани и затворање во самица.
Обвинителите во Њујорк би можеле денеска да поднесат нови обвиненија против поранешниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга Силија Флорес, поради наводно мачење американски државјани кои биле притворени во венецуелските затвори, изјавиле извори запознаени со истрагата.
Обвиненијата се однесуваат на притворањето на повеќе од десет американски државјани за време на владеењето на Мадуро. Истражителите разгледуваат можност за поднесување обвиненија и против уште неколку лица поради нивната наводна вмешаност во малтретирањето на Американците, објави Си-ен-ен.
Адвокатот на Мадуро ја оспорува законитоста на неговото апсење и тврди дека поранешниот претседател ужива имунитет, бидејќи наводните дејствија се случиле додека бил на функцијата.
Американски државјани кои биле притворени во Венецуела претходно сведочеле дека биле изложени на мачење. Метју Хит и Осман Кан изјавиле дека биле подложени на симулирано давење со вода, електрошокови, закани со сексуален напад, изложување на дроги што ја менуваат свеста и затворање во самица.
Слични сведоштва изнеле и членовите на групата „CITGO 6“ – шест американски раководители во нафтени компании кои беа уапсени во Венецуела во 2017 година и поминаа речиси пет години во притвор.
Според извештај на Обединетите нации, венецуелската воена контраразузнавачка служба ДГЦИМ (DGCIM) била одговорна за произволни притворања, малтретирање и мачење. Меѓу наведените методи биле електрошокови, гушење, тепање, сексуално насилство, лишување од храна и вода, како и изложување на екстремни температури.
Мадуро и Флорес беа уапсени во јануари за време на американска воена операција во Каракас и се наоѓаат во притвор во Њујорк, без можност да бидат ослободени со кауција.
И двајцата се изјаснија дека не се виновни за обвиненијата поврзани со заговор за наркотероризам и други кривични дела.
Флорес денеска треба да се појави пред судот, каде што нејзиниот адвокат ќе побара таа да биде ставена во домашен притвор.