СМРТТА ДЕФИНИТИВНО НЕ ЈА САКА ОСУДЕНИЧКАТА КРИСТА ПАЈК Била во мозочна смрт и се разбудила кога лекарите сакале да ја исклучат од апаратите

Шест дена по неуспешната егзекуција на 30 септември во затворот во Тенеси, осудената на смрт Криста Пајк паднала во мозочна смрт и адвокатите мислеле дека ќе биде исклучена од апаратите, но завчера таа се разбудила и почнала да разговара.

3

Американката Криста Пајк (50), која на 30 септември во затвор во Тенеси ја преживеа егзекуцијата со две дози пентобарбитал и понатаму е во сериозна здравствена состојба и покрај тоа што завчера се осветила од кома и почнала да зборува.

Адвокатите во средата соопштија дека таа има пневмонија, згрутчување на крвта, огромни отоци на двете раце и дека сè уште не може да ги движи рацете и дланките. Не може ниту нормално да голта, а зборува ограничено. Лекарите сè уште не можат да дадат сигурна прогноза за нејзиното закрепнување.






Најдраматичниот дел од најновото сведоштво на адвокатите е дека во понеделникот тие мислеле дека Пајк е мозочно мртва и очекувале дека во вторник ќе биде исклучена од апаратите за одржување во живот. Но, во вторникот се случило нешто што, според адвокатот Ренди Спиви, ги изненадило и лекарите и одбраната – Пајк се разбудила и почнала да зборува. Нејзините први зборови, според она што им било пренесено на адвокатите, биле: „Каде сум?“ и „Кои сте вие?“

Пајк, сепак, е збунета и лута, додава адвикатот. Спиви вели дека таа знае дека државата се обидела да ја погуби, но има когнитивна конфузија и сè уште не може целосно да разбере што ѝ се случило. Таа прашувала за својот адвокатски тим, но и за семејството на Колин Слемер, 19-годишната девојка за чие убиство е осудена на смрт. Според адвокатите, таа не може да се сети на самиот процес на егзекуцијата.

Во меѓувреме, адвокатите отворија нов правен фронт. Судот во Нешвил на 7 октомври нареди Тенеси да ги зачува сите материјали поврзани со егзекуцијата – шприцевите, иглите, интравенските линии и цевките, остатоците од лековите, медицинските записи, дневниците, снимките и комуникацијата на службениците. Судијата И’Аша Мајлс нареди да се зачува практично „сè што било во самата просторија“. Адвокатите добија и право на побрз пристап до Пајк во болницата каде што се лекува на интензивна нега.

Одбраната тврди дека проблемот при егзекуцијата бил предвидлив. Пајк имала проблеми со вените, а според адвокатите, службениците поминале околу еден час обидувајќи се да воспостават венски пристап. Откако бил даден пентобарбиталот, Пајк почувствувала силно печење во раката. Адвокатите се сомневаат дека интравенската линија не била правилно поставена и дека лекот делумно завршил во ткивото наместо во крвотокот. Тие сега сакаат да утврдат каде точно завршиле двете дози и што се случило со секој од венските пристапи.

Паралелно со судската постапка, адвокатите повторно бараат од гувернерот на Тенеси, Бил Ли да ја замени смртната казна со доживотен затвор без можност за условен отпуст. Ли досега не го прифати ова барање, но по неуспешната егзекуција ги суспендираше сите преостанати егзекуции во Тенеси до крајот на годината и нареди независна истрага. Шефот на Одделот за корекции, Френк Страда во меѓувреме поднесе оставка. Државата досега не ѝ дала гаранција на Пајк дека нема повторно да се обиде да ја погуби, што е една од причините зошто адвокатите толку силно инсистираат на зачувување на доказите.

Лекарите и адвокатите предупредуваат дека може да следи долг период на опоравување на осуденичката. А правно, случајот штотуку влегува во нова фаза: ќе се испитува дали државата со веќе извршениот обид ги прекршила нејзините уставни права и дали воопшто може повторно да ја подложи на егзекуција. Можно е да бидат потребни недели или месеци за да стане јасно до кој степен ќе се опорави Пајк и дали нејзината состојба воопшто би дозволила нов обид за егзекуција.

АМЕРИКАНКАТА КОЈА ПРЕЖИВЕА ДВЕ СМРТОНОСНИ ИНЈЕКЦИИ СЕ РАЗБУДИ И ЗБОРУВА СО АДВОКАТИТЕ Следува неизвесна и сложена правна битка за нејзината иднина

Поврзани содржини