СЗО НЕМА ЦЕЛОСНА СЛИКА ЗА СМРТТА НА ЛАБОРАНТКАТА ВО СИБИР Москва тврди дека нема чума, но речиси 200 луѓе се под медицински надзор
Според последните податоци од „Роспотребнадзор“, кај тие што контактирале со починатата биле откриени два случаи на Ковид-19 и два случаи на риновирус, но не и други опасни заразни патогени.
Светската здравствена организација (СЗО) сè уште нема целосни информации за смртта на 28-годишната лабораториска работничка Дарја Шипилова во Сибир, за која постои сомнеж дека починала од белодробна чума, додека руските власти категорично негираат дека станува збор за чума и тврдат дека нема ризик од епидемија.
Шипилова, која работеше во Истражувачкиот институт за борба против чумата во Иркутск, почина на 2 октомври, само два дена откако разви симптоми слични на настинка, а состојбата потоа нагло ѝ се влоши. Руската санитарна служба „Роспотребнадзор“ соопшти дека таа починала од „пневмонија со непозната етиологија“ и дека во нејзините примероци не се пронајдени микроорганизми поврзани со нејзината професионална работа.
Случајот привлече внимание затоа што Шипилова работеше во институт специјализиран за особено опасни заразни болести. Во руските и меѓународните медиуми се појавија непотврдени информации дека на 25 септември, додека работела во лабораторијата, можеби скршила епрувета со материјал што содржел бактерија „Yersinia pestis“, предизвикувачот на чумата. „Роспотребнадзор“ ја отфрла оваа верзија и тврди дека комисијата не утврдила никаква несреќа со патогени микроорганизми во институтот.
Постојат и други непотврдени верзии за тоа каде можела да се зарази, меѓу кои патување во Тајланд или престој во област во близина на границата со Монголија. Досега нема јавни докази што потврдуваат ниту една од овие верзии.
Речиси 200 луѓе под медицински надзор
По смртта на Шипилова, околу 200 луѓе кои можеле да бидат во контакт со неа, беа ставени под медицински надзор и во карантин. Повеќе од 60 вработени во институтот беа изолирани во објектот, а карантински и превентивни мерки беа воведени и во повеќе болници во Иркутск и околината, меѓу кои и болницата во Шелехов, каде што Шипилова беше лекувана.
Досега, меѓу контактите не е потврдена инфекција со чума. Според најновите информации од руските власти, биле направени речиси 5.000 тестирања на околу 200 лица и не е откриен опасен патоген. Околу 60 отсто од лицата ставени под надзор во меѓувреме се ослободени од карантин.
„Роспотребнадзор“ сега тврди дека нема епидемиолошки ризик и дека санитарно-епидемиолошката состојба во Иркутската област е стабилна. Според последните податоци, кај контактите биле откриени два случаи на Ковид-19 и два случаи на риновирус, но не и други опасни заразни патогени.
СЗО бара повеќе информации од Москва
Сепак, СЗО предупредува дека сè уште нема доволно информации за целосна процена на случајот.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека организацијата од Русија побарала дополнителни податоци, вклучително и резултатите од лабораториските тестирања на починатата и на лицата со кои била во контакт, причините поради кои биле преземени јавноздравствените мерки и информации за нивната здравствена состојба.
– Навремената, целосна и транспарентна размена на информации е клучна за разјаснување на спротивставените извештаи и точна процена на потенцијалните ризици за јавноста – изјави Тедрос.
СЗО дополнително побара објаснување за непотврдени извештаи за втор вработен со пневмонија со неутврдено потекло. Организацијата потврди дека го проверува овој навод и сè уште чека одговор од руските власти.
Русија тврди дека навреме ја известила СЗО
Москва во меѓувреме отфрла дека не соработува со СЗО. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија ја известила Светската здравствена организација за смртта на лабораториската работничка во согласност со воспоставените процедури.
Песков ги обвини медиумите за ширење неточни информации и порача дека за случајот треба да се користат податоците што ги објавува „Роспотребнадзор“.
Руската здравствена служба претходно соопшти дека кај лицата кои биле во контакт со Шипилова не е откриен случај на чума, а превентивните мерки постепено се ублажуваат откако тестирањата не покажаа присуство на опасен патоген.
Случајот го следат и САД
Случајот привлече внимание и во Вашингтон. Американскиот државен секретар Марко Рубио побара од Москва да сподели повеќе информации за смртта на Шипилова, додека американските власти проценуваат дека ризикот за САД е многу низок.
Белата куќа побара поголема транспарентност од руската страна, но досега нема докази дека инфекцијата се проширила надвор од Иркутската област. СЗО, врз основа на достапните информации, го проценува ризикот надвор од Русија како многу низок.
Чумата ја предизвикува бактеријата „Yersinia pestis“. Белодробната форма е особено опасна затоа што може да се пренесува од човек на човек преку респираторни капки при близок контакт. Болеста може да се лекува со антибиотици доколку се препознае и третира навреме.