САД СО ДЕМАРШ БАРААТ ИТЕН ОДГОВОР ОД РУСИЈА ЗА МОЖНАТА ПОЈАВА НА ЧУМА „Русите ќе го направат она што го направија Кинезите со ковид“

Со официјална дипломатска нота формално побаравме дополнителни информации од руската влада. Исто така, сме во официјален контакт со други земји низ целиот свет за споделување информации, изјави портпарол на Стејт департментот.

381

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со демарш го засилува притисокот врз Москва да објави детали за смртта на вработената во руски институт за истражување на чума. Барањето на информации од САД е засилено откако руските власти со денови не одговорија на американските барања за информации.

– Со официјална дипломатска нота формално побаравме дополнителни информации од руската влада. Исто така, сме во официјален контакт со други земји низ целиот свет за споделување информации – изјави портпарол на Стејт департментот.






Официјално барање до Москва

Смртта на техничарката Дарја Шипилова (28), во Институтот за истражување на сибирската чума во Иркутск предизвика итен одговор од американската администрација. Повеќе извори запознаени со ситуацијата потврдуваат дека е почнато собирање разузнавачки информации и дека се планира потенцијален одговор на јавното здравје.

Овие напори се попречени поради одбивањето на Русија да сподели информации, што им оневозможува на американските претставници да го проценат реалниот ризик или да дефинираат прецизни заштитни мерки.

Државниот секретар Марко Рубио вчера изјави дека Русија треба да сподели повеќе информации.

– Може да биде посериозно отколку што мислиме. Не знаеме и мислам дека би било неодговорно да се шпекулира во овој момент, со толку ограничени информации – рече Рубио.

Службеник на Стејт департментот потврди дека американските претставници се во контакт со руската влада од минатиот петок, вклучително и со руското Министерство за надворешни работи, преку здравствените експерти на одделот. Овие напори се во тек

– Се надевам дека недостатокот на споделување информации ќе се промени во наредните часови и денови – рече Рубио.

Претседателот Доналд Трамп им рече на новинарите пред Белата куќа дека планира да разговара со рускиот претседател Владимир Путин „многу наскоро“ по телефон за ова прашање, додавајќи дека американските агенции ќе имаат повеќе информации „веројатно утре“.

Клучни неодговорени прашања

И покрај напорите, САД досега добија малку информации, а она што дојде од Русија беше дочекано со големо сомневање. Службениците не се убедени дека Кремљ е целосно искрен, според луѓе запознаени со ситуацијата.

Службеник на САД рече дека администрацијата нема да воведе мерки како што се ограничувања за патување сè додека не собере повеќе информации преку разузнавачки и дипломатски канали. САД веќе им советуваа на своите граѓани да не патуваат во Русија поради голем број фактори, вклучувајќи го ризикот од неоправдано апсење и војната во Украина.

Меѓу клучните прашања што остануваат неодговорени е најважното: дали 28-годишната лабораториска работничка Шипилова што почина на 2 октомври во болницата во Шелехов билa заразен со пневмонична чума или некоја друга заразна болест. Персоналот на институтот, според неговата официјална веб-страница, освен чума проучува и други опасни болести, вклучувајќи колера, антракс и бруцелоза.

Американските претставници, исто така, се обидуваат да откријат дали болеста е модифицирана на кој било начин. Процесот, познат како „gain-of-function“ би можел драматично да го промени начинот на кој САД и другите земји би морале да одговорат.

Немир зад затворени врати

Во јавните настапи, Рубио и други претставници на претседателот Трамп ја намалија непосредната закана за Американците. Тие истакнуваат дека администрацијата внимателно ја следи ситуацијата и дека пневмонската чума може да се лекува со антибиотици.

Сепак, изворите велат дека зад затворените врати постои длабока вознемиреност поради континуираниот недостаток на информации.

Загриженоста се зголемува и поради силниот одговор од руските власти. Градоначалникот на округот Шелеховски потврди дека болницата каде што била лекувана лаборантката е ставена во карантин, а регионалните медиуми известуваат дека речиси 200 лица се под надзор.

– Во моментов не знаеме многу за тоа што точно се случило. Но, за едно сме прилично сигурни. Русите ќе го повторат моделот на Кина со ковид. Тие нема да бидат искрени – рече еден американски функционер.

Сепак, Трамп во понеделникот ја опиша ситуацијата како „голем проблем“ за Русија и наговести дека САД би можеле да понудат помош.

САД внимателно ја следат состојбата

Портпаролот на Стејт департментот изјави дека неколку федерални агенции „внимателно го следат сомнителниот смртен случај од пневмонична чума“, но дека многу детали остануваат непотврдени.

– Ги охрабруваме руските власти брзо и отворено да споделуваат точни информации – рече портпаролот.

Фото: Социјални мрежи

 

Откако почина лаборантката, Советот за национална безбедност и Стејт департментот ги водеа напорите на администрацијата за собирање информации и за проценка на ризикот. Федералните здравствени агенции, како што се Центрите за контрола и превенција на болести (CDC), исто така се вклучени во овој меѓуагенциски напор.

Извор запознаен со овие активности вели дека претставниците на Трамп воспоставиле и неофицијални канали за комуникација со Светската здравствена организација (СЗО). Трамп ѝ го прекина финансирањето на СЗО кратко време по преземањето на функцијата, а администрацијата продолжува да комуницира во итни случаи.

СЗО во понеделникот објави дека е во контакт со руските власти за да ги потврди деталите за смртта, како и дека и тие досега добиле многу малку информации.

– Ако не се транспарентни и не дозволуваат независна верификација, како можеме да веруваме дека Кремљ ни дава целосни и точни информации – прашува Лоренс Гостин, професор по глобално здравствено право на Универзитетот Џорџтаун, кој работи со СЗО.

Јасно е дека лабораторијата спроведувала исклучително ризично истражување со лоши мерки за биолошка безбедност, додаде тој.

Проценка на ризикот

Фактот дека институтот каде се скршила епрувета со биолопки материјал, по што почина лаборантката, се наоѓа на релативно оддалечена локација во источна Русија, заедно со фактот дека пневмонската чума не се шири брзо, донекаде ги увери здравствените експерти дека непосредната закана може да се ограничи.

Пневмонската чума е бактериска инфекција. Иако е фатална ако не се лекува, сега се достапни ефикасни и широко достапни антибиотици. Нема индикации дека овој инцидент ќе предизвика нова глобална здравствена криза, но официјалните лица и експертите велат дека покажал колку е тешко да се следат биолошките закани.

Министерството за здравство веројатно има залихи на лекови за борба против обичната пневмонска чума, но не е сигурно дали тие би биле доволни против модифицирана верзија или колку време би било потребно за да се развие нов лек.

Џенифер Нуцо, професорка по епидемиологија на Универзитетот Браун, рече дека инцидентот се случува во време кога капацитетот за здравствен одговор и во Соединетите Држави и глобално е ослабен поради намалувањето на буџетот и притисокот од други кризи.

– Зборуваме за систем кој е целосно исцрпен. Појавата на друг патоген, со целата напорна работа и трудот што се вложени во контролата на малите сипаници, би била кошмар – рече Нуцо.

УШТЕ ЕДЕН СЛУЧАЈ СОМНИТЕЛЕН НА ЧУМА ВО РУСИЈА, СЗО БАРА ДЕТАЛНИ ИНФОРМАЦИИ Експертите стравуват дека станува збор за патоген менуван за развој на биолошко оружје!

Поврзани содржини