📽️ „УЖАСНО МИ Е ЖАЛ, САКАМ ДА МУ СЕ ИЗВИНАМ НА ГЛЕДАЧОТ“ Медведев проговори за ударот што го исфрли од мечот со Ѓоковиќ
Рускиот тениски ас тврди дека ударот во гледачот бил стопроцентно несреќен случај и дека во тој момент не бил ниту бесен ниту фрустриран. Медведев сега се обидува да стапи во контакт со повредениот гледач и се надева дека лично ќе се сретне со него.
Рускиот тениски ас Данил Медведев упати извинување до гледачот кого го погоди со топче во полуфиналето против Новак Ѓоковиќ на турнирот во Пекинг и порача дека се обидува лично да стапи во контакт со него. Медведев тврди дека инцидентот по кој беше дисквалификуван бил целосно ненамерен.
– Пред сè, ужасно ми е жал за гледачот и се обидувам да стапам во контакт со него, доколку тој го сака тоа. Се надевам дека ќе можам лично да му се извинам и да видам како е. Ова беше сто проценти несреќен случај – изјави Медведев.
Русинот објасни дека топчето се одбило назад кон него и дека само сакал да го врати на теренот. Отфрли дека го удрил од бес или поради фрустрација.
– Можете да видите дека не ја удрив топката во бес. Всушност, правам многу лоши работи на теренот, но неконтролирано удирање на топчето не е мој стил. Кога видов што се случи, се чувствував ужасно бидејќи никогаш во кариерата не сум бил ни блиску до ваква ситуација – рече рускиот тенисер.
Медведев повтори дека во моментот најважно му е да дознае во каква состојба е гледачот.
– Не сакав никого да удрам. Мислам дека јасно се гледа дека немаше грам бес во тој момент. Не беше ни фрустрација, не ја удрив топката силно. Сега единствено се грижам за него и се надевам дека ќе се сретнеме за да му се оддолжам на некој начин – додаде Медведев.
View this post on Instagram
Русинот се осврна и на самиот меч и оцени дека Ѓоковиќ играл на нивото од нивните најдобри меѓусебни пресметки.
– Имав некои можности кои ги пропуштив, а тој одигра неверојатно и има големи шанси во финалето – рече Медведев.
Инцидентот се случи при водство на Ѓоковиќ од 7:5 и 5:3. По завршениот поен, топчето се одби од задниот дел на теренот, а Медведев со бекхенд го испрати кон трибините и погоди гледач во пределот на окото.
Судијата и претставник на турнирот потоа го дисквалификуваа Медведев, со што мечот веднаш заврши, а Ѓоковиќ се пласира во финалето. Србинот ќе игра против Алекс де Минор за титулата во Пекинг.