ПРЕД 10 ГОДИНИ МИНИМАЛНАТА ПЕНЗИЈА БИЛА 7.783 ДЕНАРИ Денес таа е поблиску до минималната плата

Покрај редовните законски усогласувања со формула, од 2016 година досега имаше 6 паушални, линеарни зголемувања на пензиите. Покрај последните четири во висина од вкупно 7.000 денари, линеарно зголемување имаше и во 2016 година за 650 денари и во 2020 година за 720 денари, се наведува во анализата на порталот Пари.

97

Само 7.783 денари изнесувале најниските пензии во септември 2016 година, откриваат податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Податоците за пензиите за септември годинава сè уште не се објавени, но ако тргнеме од тоа дека во август најниската пензија била 20.888 денари, со септемвриското усогласување од 3 отсто, таа изнесува 21.515 денари, анализира порталот Пари.

Пред една деценија просечната пензија изнесувала 13.106 денари, а сега изнасува 28.891 денар.






Во однос на највисоките пензии, во септември пред една деценија износот бил 38.394 денари, а со септемвриското усогласување годинава се проценува на 97.162 денари.

Од бројките застапени во анализата на Пари произлегува и дека за 10 години минималната пензија се зголемила за 13.372 денари, односно за 176,4 отсто, просечната пензија се зголемила за 120,4 отсто, додека максималната пензија за 153,1 отсто.

Истовремено, бројот на пензионерите се зголемил за 46.651, односно за 15,4 отсто.

Се намалил јазот меѓу најниските и највисоките пензии

Најголеми корекции на пензиите се случија со линеарното зголемување од вкупно 7.000 денари во периодот од март 2024 до март 2026 година.

Линеарното зголемување, со цел да се подобри животниот стандард на луѓето со најниски пензии, беше и изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ, но со помал износ од 5.000 денари, кој потоа се зголеми со оглед на инфлацијата како дополнителна заштита на најранливите категории на пензионери.

Во време на линеарното зголемување се направија законски измени, со кои се изземаа редовните законски усогласувања што се прават двапати годишно во септември и во март, кога пензиите се индексираат – 50 отсто со раст на просечната нето-плата и 50 отсто со инфлацијата (полугодие во однос на претходно полугодие).

Линеарното зголемување им помогна на корисниците на пониски пензии, додека оние со високи пензии добија помалку пари ако усогласувањето би било според законската формула.

Со сите корекции се намали јазот меѓу најниските и највисоките пензии: пред 10 години највисоката пензија беше 4,93 пати поголема од најниската пензија, а сега е 4,52 пати.

Соодносот со просечната плата се намалува

Во јули 2026 година просечната плата изнесувала 48.499 денари, а во јули 2016 година просечната нето-плата била 22.334 денари. Во јули годинава просечната пензија била 28.046 денари, а во јули 2016 година изнесувала 13.103 денари.

Соодносот меѓу просечна пензија и просечна плата пред 10 години бил 1 : 1,70, односно просечната плата била 1,7 пати повисока од просечната пензија. Во 2026 година, исто во јули, просечната плата била 1,73 пати повисока од просечната пензија.

Од март годинава минималната плата е 26.047 денари. Во 2016 година била 10.080 денари, а во кожарската и во текстилната индустрија изнесувала 9.000 денари.

Во согласност со овие податоци, минималната пензија од 7.783 денари во 2016 година била 77,21 отсто од минималната плата, односно 86,48 отсто од минималната плата за текстилците и кожарите.

Сега, минималната пензија од 21.515 денари е 82,60 отсто од минималната плата.

Покрај редовните законски усогласувања со формула, од 2016 година досега имаше 6 паушални, линеарни зголемувања на пензиите. Покрај последните четири во висина од вкупно 7.000 денари, линеарно зголемување имаше и во 2016 година за 650 денари и во 2020 година за 720 денари.

Во 2017 година, пак, имаше политичка корекција на минимална плата од 10.080 на 12.000 денари. Поголемо зголемување на „минималецот“ имаше и во 2020 година, од 12.507 на 14.500 денари. Инаку, и за минималната плата постои редовно законско усогласување, се наведува во анализата на Пари.

 

Поврзани содржини