КРАДЕЛЕ, ПРОДАВАЛЕ ДРОГА, ПЕРЕЛЕ ПАРИ, ДЕЈСТВУВАЛЕ И ВО ГРЦИЈА И ВО ШПАНИЈА Тошковски откри детали за разбиената криминална група во Прилеп

Станува збор за разбивање на многу сериозна организирана криминална група, која повеќе од 15 години го правела тоа што го правела и била недопирлива за органите на прогон, вели министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

321

Станува збор за разбивање сериозна организирана криминална група на која Министерството за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство и со странски партнерски служби, работеше повеќе од една година, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за големата полициска акција која вчера беше спроведена во Прилеп.

– Станува збор за разбивање на една организирана криминална група, многу сериозна криминална група, која повеќе од 15 години го правела тоа што го правела и била недопирлива за органите на прогон – рече Тошковски, во гостување на Радио Лидер.






Министерот информираше дека во текот на вчерашниот ден биле извршени триесетина претреси, а  21 лице ќе бидат опфатени во првичната кривична пријава која во текот на денот ќе биде процесуирана.

Постапувањето продолжува по итна постапка и по наредба на јавен обвинител.

Според Тошковски, постојат основани сомненија дека дел од групата во изминатиот период дејствувала и на територијата на Грција, во областа на Халкидики и Калитеа, каде што се сомничи за сериозни кривични дела од областа на имотни деликти, меѓу кои и тешки кражби. Дел од групата, според информациите со кои располага истрагата, вршел криминални дејствија и на територијата на Шпанија. Едно од лицата кое било во куќен притвор во Шпанија побегнало оттаму, а сега е обезбедено од македонската полиција.

– Навистина станува збор за една сериозна организирана криминална група којашто, пак ќе повторам, која многу години роварела не само во Македонија туку и во земји членки на Европската Унија. И со една опсежна акција под координација на Јавното обвинителство, повеќе од година дена, пак ќе повторам, е работено на оваа организирана криминална група – рече Тошковски.

Во истрагата постојат сомненија и дека одредени криминални дејствија биле потпомагани од полициски службеници, кои споделувале информации со членови на групата. Поради тоа, во текот на акцијата биле извршени неколку претреси кај полициски службеници за кои постои сомнение дека соработувале со дел од осомничените.

Тошковски информираше и дека член на најтесното семејство на еден од осомничените пред неколку месеци бил уапсен од француската полиција, откако во бункер во неговото возило биле пронајдени 10 килограми кокаин, чија креајна дестинација била Македонија.

При вчерашните претреси била пронајдена готовина во износ над 130.000 евра, а биле одземени и околу 10 возила, меѓу кои две „масерати“ и две луксузни возила „ленд ровер“. За едно од возилата постојат основани сомненија дека е поврзано со фалсификувана документација.

Министерот потенцираше дека целта на истрагата не е само документирање и процесуирање на кривичните дела, туку и утврдување и одземање на имотот стекнат како резултат на криминални активности.

– Целта на оваа истрага и целта на овој кривичноправен процес којшто го преземаме не е само да го документираме, евидентираме и го процесуираме кривичното дело коешто го правеле сторителите, за коешто имаме и тоа како собрано доказен материјал во изминатава година, туку целта е и сето она што е настанато како последица на кривичните дела од аспект на зголемување на имотна состојба, да биде одземено и да биде ставено во функција на државата – истакна Тошковски.

Тој посочи дека постојат сомненија и за перење пари, односно дека приносите стекнати со криминални активности биле пуштани во правниот промет во Македонија и надвор од државата.

Истрагата располага и со трага поврзана со купопродажба на имот во соседна Србија.

– Целта е да покажеме и да упатиме јасна порака дека криминалот во Македонија е неисплатлив и дека секој којшто согрешил и секој којшто сторил кривично дело, без оглед на каков тип на кривично дело станува збор, особено трговија со дрога и труење на нашите најмлади, ќе одговара, а притоа сè она коешто го стекнал како нелегален имот ќе биде конфискувано и ќе биде ставено во функција на државата – порача министерот Тошковски.

Истрагата продолжува во координација со Јавното обвинителство, а Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со преземање истражни дејствија за целосно документирање на случајот и за утврдување на имотот за кој постојат сомненија дека е стекнат со криминални активности.

Поврзани содржини