ДОАЃА ЕВРОПСКА ЗАМЕНА ЗА VISA И MASTERCAD Европската мрежа за плаќања ѝ носи финансиска независност на Европа

Неколку големи европски платежни системи се здружуваат во нова мрежа која треба да овозможи прекугранични плаќања и трансфери со европска инфраструктура.

101

Европа ја лансира Европската мрежа за плаќања (EPN), која треба да ги поврзе постојните европски платни системи преку заедничка инфраструктура и да стане европска замена за американските Виза и Мастеркард (Visa и Mastercard).

Во основата на проектот е желбата Европа да има поголема финансиска и дигитална независност.






Голем дел од картичните плаќања во Европа денес зависат од инфраструктурата на американските компании Visa и Mastercard. Европските институции и банки веќе подолг период настојуваат да развијат платежни решенија кои би можеле да функционираат на европска инфраструктура и да создадат поголема конкуренција на пазарот

Неколку големи европски платежни системи се здружуваат во нова мрежа која треба да овозможи прекугранични плаќања и трансфери со европска инфраструктура.

Во проектот учествуваат пет големи европски платни системи – италијанскиот „Банкомат“, шпанскиот „Бизум“, европскиот конзорциум „ЕПИ Компани/Веро“, португалскиот „СИБС-МБ Веј“ и скандинавскиот „Випс МобајлПеј“. Заедно опслужуваат околу 130 милиони корисници во 13 европски земји.

Седиштето на новата мрежа ќе биде во Мадрид, а нејзината главна задача ќе биде управување со заеднички центар за интероперабилност преку кој различни европски платни системи ќе можат меѓусебно да комуницираат.

EPN треба да ги поврзе, националните системи кои сега функционираат одделно преку заедничка техничка и оперативна инфраструктура заснована на европски стандарди. На тој начин, корисник од една европска земја би можел да врши прекугранични плаќања преку својот постоечки платен систем, без секоја трансакција нужно да поминува низ инфраструктурата на американските компании.

Во почетната фаза, мрежата ќе биде насочена кон плаќања меѓу граѓани, а во иднина е предвидено проширување кон електронската трговија и плаќањата во продавниците. Системот ќе се потпира и на инстант-плаќања директно од сметка на сметка.

Создавањето на EPN не значи дека Visa и Mastercard ќе исчезнат од европскиот пазар или дека граѓаните ќе треба да ги заменат своите картички. Целта е постепено да се изгради европска алтернатива и да се намали зависноста од постојната инфраструктура.

Visa и Mastercard и понатаму имаат широка присутност во Европа, а новата мрежа допрва треба да се проширува и да привлече дополнителни платни системи. Според податоците наведени при лансирањето, двете компании во моментов обработуваат речиси две третини од плаќањата со картички во Европа.

Во основата на проектот е настојувањето на Европската Унија да има поголема контрола врз критичната финансиска инфраструктура и да ја намали зависноста од ограничен број глобални компании. Европските институции во последните години сè почесто го користат концептот на „платежен суверенитет“.

Еден од клучните проекти во оваа насока е Wero, дигиталниот паричник развиен од European Payments Initiative – EPI. Системот користи инстант плаќања директно од банкарска сметка на банкарска сметка и е замислен како единствено европско решение за граѓаните и компаниите.

Wero веќе се користи или се воведува во повеќе европски земји, а неговата функционалност постепено се проширува од трансфери меѓу физички лица кон онлајн и плаќања на продажни места. Во Холандија веќе е започнат и процесот на постепено преминување од популарниот систем iDEAL кон Wero.

Во 2026 година Wero дополнително ја проширува својата мрежа. Кон иницијативата се приклучија и големи финансиски институции како Erste Bank Österreich и Raiffeisen, што треба да овозможи проширување на услугата и на австрискиот пазар.

Паралелно со ова, Европската централна банка работи на дигиталното евро, чие можно воведување е планирано до 2029 година. Двете иницијативи, сепак, имаат различна улога – EPN треба да ги поврзе постојните европски платни системи, додека дигиталното евро би претставувало нова форма на централнобанкарски дигитални пари.

Доколку EPN во следните години се прошири на повеќе земји и опфати плаќања во продавници и на интернет, промената за граѓаните би можела да стане повидлива во секојдневното користење на платежните услуги.

Поврзани содржини