📽️ ПОРАНЕШНИОТ ЗАВОДНИК ГИ ИЗНЕНАДИ ОБОЖАВАТЕЛИТЕ СО ИЗГЛЕДОТ Коментарите за стареењето и евентуалните естетски зафати на Џон Кузак ги преплавија мрежите
60-годишниот актер Џон Кузак ретко се појавува во јавноста, па неговото гостување во подкастот „Happy Sad Confused“ предизвика големо внимание. Наместо за разговорот, дел од гледачите најмногу коментираа дека актерот денес изгледа поинаку и шпекулираа за можни естетски интервенции
Џон Кузак се појави во подкастот „Happy Sad Confused“ на новинарот Џош Хоровиц, каде што зборуваше за својата кариера, новиот графички роман „Momo“ и некои од приказните што со години се поврзуваат со неговото име. Но, по објавувањето на снимката, вниманието на дел од гледачите брзо се префрли кон неговиот изглед.
Некои коментатори на интернет напишаа дека актерот изгледа „непрепознатливо“, додека други шпекулираа дека можеби направил естетски зафати. Истовремено, други фанови го бранеа актерот и сметаа дека коментирањето на неговиот изглед е непотребно.
Во интервјуто, сепак, има и многу поинтересни теми. Кузак зборува за својот прв графички роман, „Momo“, кој го напишал во соработка со аргентинскиот илустратор Игнасио Ное. Книгата е објавена на 29 септември преку „Mad Cave Studios“.
„Momo“ носи приказна сместена во Америка во 1970-тите, со елементи на политичка параноја, НЛО, теологија и поп-култура. Кузак објасни дека графичкиот роман му дал нешто што тешко го добива при работењето на филм – поголема творечка слобода. Според него, ваквиот формат овозможува приказната да биде создадена без голем број луѓе кои имаат свое мислење за секој нејзин дел.
– Секогаш мислев дека графичките романи се најблиску до филмот – вели Кузак, објаснувајќи дека при создавањето можел практично сам да одлучува како ќе изгледаат сцените и кадрите.
Актерот во подкастот зборува и за долгогодишните холивудски гласини. Една од нив е дека наводно му била понудена улогата на Волтер Вајт во серијата „Breaking Bad“, но тој ја одбил. Кузак рекол дека воопшто не се сеќавал на таква понуда, па лично го прашал креаторот на серијата, Винс Гилиган, дали тоа навистина се случило. Одговорот бил – не.
Кузак, кој беше една од препознатливите холивудски ѕвезди во 80-тите и 90-тите, во последните години се појавува поретко во големите филмски продукции. Меѓу неговите познати филмови се „Кажи што сакаш“, „High Fidelity“, „Being John Malkovich“, „Serendipity“ и „Grosse Pointe Blank“.