ЃАВОЛОТ ЈА ПЛАТИЛ КАЗНАТА ОД 8.000 ЕВРА ШТО МУ ЈА ОДРЕДИ КРИВИЧНИОТ СУД Адвокатот Стафа бара условен отпуст

Од Кривичниот суд брифираат дека затворската казна од една година и три месеци на адвокатот Фехми Стафа требало да му заврши во март 2027 година, а Судот му дозволил еден месец условен отпуст, на што тој се жалел. Стафа беше обвинет за примање поткуп од 50.000 евра за да влијае кај судија за случајот со Љупчо Пецов – Ѓаволот.

167

Осудениот во случајот „Синџир“ Љупчо Пецов – Ѓаволот, кој беше осуден на условна казна затвор од 2 години на 2 септември ја уплатил паричната казна во износ од 492.000 денари (8.000 евра) и за тоа е известен судот, информираат на брифинг во Основниот кривичен суд Скопје.

Поранешниот државен правобранител, адвокатот Фехми Стафа, кој се спогоди со Обвинителството на казна затвор од една година и три месеци, откако беше обвинет за примање поткуп од 50.000 евра за да влијае кај судија за случајот со Љупчо Пецов – Ѓаволот, сè уште е во затвор на издржување на казната, иако веќе побарал условен отпуст.






Од Кривичен брифираат дека затворската казна на Фехми Стафа требало да му заврши во март 2027 година, а Судот му дозволил еден месец условен отпуст и да се пушти на слобода на 1 февруари. Одлуката, како што инфомираа, е обжалена од страна на осудениот и предметот е пратен во Апелација на 24 септември годинава.

На брифингот во Кривичен информираа за повеќе тековни предемти.

Предметот „Крмзов“ е во фаза на изведување на економско и графолошко вештачење, односно се сослушуваат вештите лица, и со тоа се исцрпува листата на докази предложени од Обвинителството, по што следуваат доказите на обвинетите.

​За случајот „Титаник“, кој е еден од постарите предмети за којшто сè уште нема правосилна пресуда, од Кривичен информираа дека предметот е во фаза на изведување на докази, односно сослушување на сведоците на одбраната.

За случајот Трифун Костовски и други, од Кривичен информираат дека Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција поднело обвинение кое автоматски оди во Специјализираното одделение на судот, но е оценето дека ова одделение не е стварно надлежно за тој предмет. По правосилноста на решението, предметот ќе биде распореден во Одделението за кривично, полнолетни.

Специјализираното одделение не е надлежно за овој предмет затоа што обвинителниот акт е за кривични дела Предизвикување на стечај на банки и за Несовесно работење во службата, а овие две кривични дела не се во надлежност на Специјализираното судско одделение, односно не спаѓаат групата на дела од областа на организиран криминал и корупција.

За предметот „Беланоца“ има уште двајца сведоци од Обвинителството и ќе се продолжи со изведување на доказите на одбраната.

Случајот „Онкологија 2“  е во фаза на изведување на докази на одбраната, односно доказите на првоообвинетиот.

За предметот „Талир 1“, како што информираа на брифингот, главната расправа е одложена, со што е пробиен законскиот рок од 90 дена од последното одржано рочиште и случајот ќе мора да почне од почеток.

Поврзани содржини