ЕВРОПСКАТА УНИЈА ВОВЕДУВА НОВ ВИД НА БЕНЗИН- Е20 Горивото треба да го намали европскиот увозот на нафта и на деривати
Не е сосема јасно кои возила се прилагодени за E20. Се претпоставува дека повеќето современи бензински мотори би можеле да го користат без тешкотии, а за некои понови модели на BMW веќе има одобренија за поголеми пропорции на етанол.
Три членови на Европскиот парламент од германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) бараат од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, итно да одобри продажба на бензин Е20.
Во писмо до кое имаше пристап германскиот Билд, претставниците Петер Лизе, Јенс Гизеке и Норберт Линс наведуваат дека поголем дел од биоетанолот во горивото би ја намалил зависноста од увоз на нафта и би ги намалил цените на бензинските пумпи. Во Германија, во моментов се спроведува само еден тест проект со гориво Е20, пишува Билд.
Горивото Е20, кое содржи до 20% етанол, во моментов не е дозволено во Европската Унија. Сегашните прописи го ограничуваат делот на етанол во бензинот на максимум 10%, па за да се воведе Е20, Брисел би морал да ја измени директивата за квалитет на горивото.
Сепак, останува дискутабилно дали Е20 би донел вистински заштеди за возачите. Цената по литар би можела да биде пониска поради помалиот дел од фосилниот бензин, но етанолот има помала енергетска вредност, па затоа е сомнителна економичноста на возењето.
Експертите проценуваат дека ова би довело до зголемување на потрошувачката од околу 3%. За да се исплати E20, литар треба да биде 6 до 7 центи поевтин на бензинската пумпа, но не е сигурно дали ќе се постигне таква разлика во цената.
Горивото E20 веќе се користи во Индија и Тајланд, додека Бразил користи горива со уште поголем процент на етанол. Во Германија, само еден тест проект беше започнат во Манхајм во 2023 година.
Не е сосема јасно кои возила се прилагодени за E20. Се претпоставува дека повеќето современи бензински мотори би можеле да го користат без тешкотии, а за некои понови модели на BMW веќе има одобренија за поголеми пропорции на етанол. Сепак, не постои унифициран список на компатибилни возила на сите производители, а проблеми може да се појават и кај постарите автомобили.
Воведувањето на новото гориво е придружено со критики. Германската Федерална агенција за животна средина изразува загриженост за одгледувањето енергетски растенија за производство на гориво, бидејќи тоа би можело да ја намали земјоделската површина наменета за храна. Како пример се наведува зголемувањето на цената на шеќерната трска во Индија, бидејќи таму се користи и за производство на етанол.
Противниците, исто така, ја доведуваат во прашање еколошката прифатливост на биоетанолот и предупредуваат на можно мало зголемување на потрошувачката на гориво. И покрај сè, претставниците на CDU веруваат дека предностите преовладуваат. Тие истакнуваат дека E20 е брз начин за намалување на трошоците за возачите, а во исто време би се намалиле емисиите на CO2 од милиони бензински возила на европските патишта. Одлуката дали европските возачи наскоро ќе полнат E20 ќе се донесе во Брисел.