ИМАМЕ ИСКЛУЧИТЕЛНО ДОБРА ЕНЕРГЕТСКА СОСТОЈБА Премиерот убедува дека така ќе биде и во следниот период
Премиерот Христијан Мицкоски очекува нормализација на снабдувањето со нафта и гас во светски рамки дури напролет.
Македонија енергетски е во исклучително добра состoјба и нема предизвик во однос на гасот, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, нормализацијата на снабдувањето во глобални рамки би можело да се очекува дури напролет.
– Утре да престане таа војна, а нема, според ова што го слушаме, најверојатно, некаде, тоа би можело да биде во декември, да се нормализира испораката на нафта и гас од Заливот, ќе треба најмалку еден месец до 45 дена да стигнат тие количини до потрошувачите. Така што, некаква нормализација дури на пролет следната година зашто од 6-7 милиони барели дневно сме спуштени на под два и ако се реализира забраната за извоз од САД и од Венецуела, тоа ќе биде сериозен предизвик- рече мицкоски.
тој додаде дека владата има план за справување со состојбата.
– Знаеме како сето тоа ќе го реализираме. Вчера разговарав со поголемите нафтени компании. Добро е што имаме план, што продуктоводот работи, добро е што го пуштивме, таму имаме количини не само за нас, туку и за соседите. Во моментов, од денешна оптика ако ги гледаме работите, немаме предизвик во однос на гасот и во овој момент, енергетски сме во исклучително добра, солидна состојба – рече Мицкоски.
На прашањето за евтината тарифа, Мицкоски рече дека ги нема пресметките на Регулаторната комисија.
-Имаме една од најниските цени на електрична енергија во регионот и Европа. Се бориме таа цена да остане иста и убеден сум дека ќе остане иста. Да видиме следната година какви се можностите во одредени периоди од годината кога имаме поголемо производство на електрична енергија од сонце, да го продолжиме периодот на евтина тарифа. Во услови кога сите ги зголемуваат цените, кога светот се бори со предизвици за инфлација, ние размислуваме како од предизвикот да препознаеме шанса и таа шанса да ја преточиме во можност за нашите граѓани -реле Мицкоски.