ПОЧНА ТРЕТАТА ФАЗА ОД РЕВИТАЛИЗАЦИЈАТА НА ХИДРОЕЛЕКТРАНИТЕ Мицкоски очекува производството на струја целосно да ја задоволи потрошувачката
проектот ќе овозможи модернизација на значаен дел од производствените капацитети на АД ЕСМ, особено хидроелектраните, што, како што рече, ќе придонесе за зголемување на производството на електрична енергија и на уделот на обновливите извори во производното портфолио на компанијата.
Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ – „Ревитализација на хидроелектраните – фаза 3“, со кој официјално беше означен почетокот на реализацијата на новата фаза од модернизацијата на хидроенергетските капацитети во државата.
Тој изјави дека проектот ќе овозможи модернизација на значаен дел од производствените капацитети на АД ЕСМ, особено хидроелектраните, што, како што рече, ќе придонесе за зголемување на производството на електрична енергија и на уделот на обновливите извори во производното портфолио на компанијата.
– АД ЕСМ ќе може во периодот што следува голем дел од своите производствени капацитети, особено кога зборуваме за хидроелектраните, да ги модернизира, а со самата модернизација да се зголеми практично и произведената количина електрична енергија, со што ќе го зголеми производното портфолио на АД ЕСМ во делот на обновливата енергија – рече Мицкоски.
Тој рече дека третата фаза од рехабилитацијата на хидроцентралите се разговарало уште во периодот кога бил директор на АД ЕЛЕМ истакнувајќи дека во меѓувреме немало напредок во реализацијата на проектот.
– Добро е што денеска раководството на АД ЕСМ заедно со финансиските институции што го обезбедија финансирањето на овој проект, нешто преку грант, нешто преку, би рекол, поволен кредит, ќе овозможат зголемување на портфолиото на производството на АД ЕСМ во делот на обновливите извори на енергија, во делот на хидропотенцијалот, а со тоа ќе се обезбеди квалитетна електрична енергија. Кога зборувам квалитетна, тука мислам на енергија што може да врши секундарно и терцијално користење во рамките на системот – реле Мицкоски.
Тој очекува ваквите проекти да продолжат и истакна дека Владата се стреми кон постигнување нула нето-разлика меѓу произведената и потрошената електрична енергија.
– Одиме во насока на целта на оваа Влада да бидеме нето-нула кога ќе се направи одземање, односно разлика на произведената и потрошената електрична енергија. Веќе неколку месеци се движиме над или околу 95%, што значи полека но сигурно се ближиме кон целта, а тоа е да бидеме нето-нула на крајот од годината и јас веќе мислам дека в година дури и ќе имаме одредени вишоци – рече Мицкоски.
Станува збор за еден од најзначајните инвестициски циклуси во историјата на АД ЕСМ, чија проценета вредност изнесува околу 46 милиони евра. Од средствата, 35 милиони евра се заем од германската развојна КфВ банка, а 10,7 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Ревитализација на хидроелектраните – фаза 3“ ќе се одвива во наредните неколку години опфаќа модернизација на 6 големи хидроелектрани (Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје и Глобочица) во рамките на трите системи: ХЕС „Маврово“, ХЕС „Црн Дрим“ и ХЕЦ „Тиквеш“. Со замена на застарената опрема ќе се намалат прекините во работата, ќе се продолжи работниот век на постројките и ќе се зголеми оперативната безбедност, со што се обезбедува сигурно балансирање и испорака на електрична енергија кон електроенергетскиот систем.
Проценета вредност на инвестицијата изнесува околу 46 милиони евра. Вкупно 35 милиони евра се заем од германската развојна КфВ банка, а 10,7 милиони евра се неповратни средства од Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Со проектот ќе се зголеми инсталираниот капацитет кај големите хидроелектрани за дополнителни 13,5 мегавати, со што обезбедуваме ново годишно производство од 50 гигават-часови чиста електрична енергија. Зголеменото производство и обем на системски балансни услуги, ќе донесат најмалку 5 милиони евра дополнителни годишни приходи за ЕСМ.