АМБАСАДАТА НА САД ИМ ГИ ОДЗЕЛО АВТОМОБИЛИТЕ ДОНИРАНИ НА БЕЛГРАДСКИТЕ ОБВИНИТЕЛИ Наместо за службени се користеле за приватни потреби
Амбасадата побарала двата автомобили „Нисан Кашкаи“ веднаш да бидат конфискувани од ВЈТ Белград и пренасочени, повторно како донација, на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата (ПОСК).
Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Белград побара од Врховното обвинителство на Србија да одземе два автомобили „Нисан Кашкаи“ од Вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Белград, кои ги донирала на Специјалното одделение за сузбивање на корупцијата (ПОСК) пред неколку години, објавува денес весникот „Нова“.
Според информациите на „Нова“, автомобилите што биле земени од ВЈТ, на чело со Ненад Стефановиќ, наводно не биле користени за целите за кои биле донирани, односно за потребите на ПОСК, туку „исклучиво за лична погодност на лицата што ги добиле на употреба“.
Амбасадата контактирала со Врховното јавно обвинителство (ВЈТ), единственото овластено за меѓународна соработка, комуникација и правна помош меѓу Србија и САД, и побарала двата автомобили „Нисан Кашкаи“ веднаш да бидат конфискувани од ВЈТ и пренасочени, повторно како донација, на ПОСК, пишува весникот.
Од Вишото јавно обвинителство во Белград велат дека возилата била користени во согласност со договорот за донација со Амбасадата на САД. Тие не биле известени за причините поради кои било побарано возилата да бидат вратени во Врховното јавно обвинителство, ниту, пак, за наводните неправилности поврзани со нивното користење.
„Возилата се користеле за извршување на сите работи и задачи од надлежност на Посебното одделение за сузбивање на корупцијата при ВЈТ во Белград, за превоз на раководителите и замениците на раководителите на ова одделение, како и на јавните обвинители распоредени во него.
Особено се користеле за потребите на дежурствата, за одење на семинари во седиштето и надвор од седиштето на органот, како во земјата така и во регионот, како и за курирски задачи – доставување итна, доверлива и друга пошта“ – одговориле од ВЈТ.
По барањето на Амбасадата, Белградското јавно обвинителство ги вратило возилата во Врховното јавно обвинителство на 14 септември 2026 година.