🎥 СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ВО ФРАНЦИЈА СЕ КРЕНАА НА ПРОТЕСТИ, ПОЛИЦИЈАТА ИНТЕРВЕНИРА Незадоволство поради преоптоварени распореди и недостиг на наставници

Учениците блокираат влезови на повеќе гимназии и протестираат поради пренатрупани паралелки, недостиг на наставници и друг персонал, преоптоварени распореди и несоодветни услови за учење. Десетина училишта се блокирани, а деновиве се приведени околу 30 лица.

91

Француските министерства за внатрешни работи и за национално образование најавија засилени безбедносни мерки во училиштата откако средношколците ги блокираа образовните институции.

Одлуката е донесена откако средношколците во регионот на градот Париз од почетокот на минатата недела организираа десетина блокади на училиштата во знак на протест поради преоптовареност на распоредот на часови. Најголем број протести се одржаа во париските предградија Сен Дени и Вал де Марн.






„Иако изразувањето на средношколците мора да се почитува, насилните акти не можат да се толерираат. Затоа, безбедносните сили ќе се фокусираат на апсење на сторителите на прекршоци и одржување на јавниот ред со пропорционална употреба на сила“, се наведува во заедничкото соопштение на двете министерства.

Исто така, се наведува дека полицијата ќе интервенира во случај на „целосна блокада“, но интервенцијата ќе биде спроведена по консултации со директорот на училиштето.

Во Франција во последните денови се шири протестното движење на средношколците, особено во регионот Ил-де-Франс. Учениците блокираат влезови на повеќе гимназии и протестираат поради пренатрупани паралелки, недостиг на наставници и друг персонал, преоптоварени распореди и несоодветни услови за учење. Десетина училишта биле блокирани, а од почетокот на неделата се приведени околу 30 лица.

Во некои случаи протестите прераснаа во тензични инциденти. Во Сен-Дени биле пријавени истрели со пиротехнички средства, додека во Сен-Уан полицијата употребила солзавец при растурање на демонстрантите.

Протестите продолжуваат и денеска. На видеа на социјалните мрежи се гледа силно полициско присуство пред едно средно училиште во Сен-Дени, како и ученици и некои наставници кои формираат жив штит пред објектот.

Во соопштението на министерствата се посочува дека е неприфатливо насилство врз вработените во националното образование и врз службениците за спроведување на законот, како и штети предизвикани од предизвикување пожари.

Министерот за образование Едуар Жефреј предупреди дека блокирањето на училиштата и „политичкото инструментализирање“ на младите не ги решава проблемите.

Тој во петокот изјави дека учениците се манипулирани од пратениците на Непобедлива Франција (ЛФИ). Според него, ЛФИ ги охрабрува младите луѓе да ги блокираат средните училишта.

Поврзани содржини