ОЗНАКАТА „СТРАТЕШКИ“ ДА ЗНАЧИ И АКТИВНА ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛИ Професорот Калпадакис бара промени, нашите дебати за Иловица заглавени во игри и притисоци
Постапката за добивање дозвола за рудник во Грција вообичаено трае од седум до осум години, наспроти горната граница од 27 месеци предвидена со Директивата. Земјите од Северна Европа нудат поинаков пример – Финска во јануари го обедини процесот на издавање дозволи под надлежност на еден орган, додека соодветното тело во Шведска ќе започне со работа во јули 2027 година.
„Вистинскиот тест за Европа не е идентификувањето на стратешките минерали, туку реализацијата на плановите до активно производство“. Ова е главната оценка на универзитетскиот професор за надворешни односи и истражувач во Атинската академија, Јоргос Калпадакис. Во колумна за весникот „Катимерини“ тој истакнува дека предизвикот зависи од три главни фактори и воедно тој прави анализа за состојбата во Грција и земјите од поширокото соседство.
„Во Виотија, северозападно од Атина, започна пробно производство на одредени количини на галиум. Таму компанијата „Метлен енерџи енд металс“ (Metlen Energy & Metals) развива проект што Европската комисија го прогласи за „стратешки“ во март 2025 година, согласно Директивата за критични суровини. Влогот е јасен: минатата година Кина обезбеди 77% од увозот на галиум во ЕУ, а целта на Брисел е да се осигура дека до 2030 година ниту една трета земја нема да снабдува повеќе од 65% од годишната потрошувачка на која било стратешка суровина во блокот. Овој статус овозможува побрзо издавање дозволи и подобар пристап до финансирање, но не гарантира дека проектите навистина ќе бидат реализирани“, пишува Калпадакис.
Кај нас, засега рударските проекти наидуваат на обвинувања од страна на дел од јавноста, а последно на тапет беше проектот за бакар во Иловица. Инвестицијата се актуелизираше на последната јавна расправа за просторниот план на државата во Струмица, откако во нацртот беше запишано дека Иловица го има најголемиот руден потенцијал во државата. По вжештената расправа реагираше и локалната иницијатива „И здравје и работа“ од каде порачаа дека стратешките одлуки не смеат да се носат под притисок на закани и политички игри.
„Одлуките за стратешките проекти и економскиот развој на државата не смеат да се носат под притисок на закани, навреди или политички игри. Јавната дебата е демократско право, но таа мора да се води со аргументи, факти и стручни анализи, а не со притисок врз експерти и институции. Нацрт-просторниот план е стратешки документ кој ги утврдува насоките за идниот просторен развој и ги идентификува потенцијалите и развојните можности“, соопштија од иницијативата.
Тие прашаа „кому му одговара Македонија да не ги користи своите природни и економски потенцијали?“.
„Кому му одговара да нема нови инвестиции, нови работни места и нови можности за младите? Не треба да се плашиме од развојот. Треба да бараме развој со правила, со наука, со високи еколошки стандарди и со јасна корист за државата и граѓаните. „И здравје и работа“ смета дека иднината на Македонија не смее да се определува со закани и политички притисоци. Таа треба да се гради врз факти, експертиза, институции, инвестиции и одговорност кон идните генерации“, се додава во соопштението.
Инаку, грчкиот професор во колумната потсети и дека проект бил паузиран само неколку месеци откако Европската комисија го признала како стратешки проект.
„Важноста на некои од дозволите во „Јадар“ во Србија истекуваат во текот на 2027 година, а работата сè уште не е продолжена. Турција проценува дека нејзиното наоѓалиште во Бејликова содржи околу 12,5 милиони тони оксиди на ретки елементи, иако сè уште се чека на независна потврда. Договорот на Украина со Вашингтон предвидува формирање заеднички инвестициски фонд за природни ресурси и обнова, иако дел од наоѓалиштата на минерали во земјата се наоѓаат на територија окупирана од Русија“, се додава во колумната.
Според професорот, ознаката „стратешки“ означува почеток, а не краен исход.
„Без локална согласност, одржливо финансирање и административен капацитет, Европа ризикува да остави нереализирани не само поединечни проекти, туку и својата поширока амбиција за намалување на зависноста од остатокот на светот. Способноста критичните суровини – кои претставуваат стратешки приоритет – да се претворат во реално производство, сама по себе стана мерило за геополитичка тежина“, заклучува професорот.
Првиот услов до ископ на критичните минерали, според него, е локалната согласност, додавајќи дека стравовите од губење на земјоделското земјиште во случајот со „Јадар“ довеле до противења за проектот. Како втор значаен фактор, тој го посочува финансирањето, бидејќи економската исплатливост не е предуслов за добивање на стратешки статус. За трет фактор е истакнат административниот капацитет.
„Метлен“ имаше корист од побрзиот процес на издавање дозволи како стратешки проект, но основниот проблем опстојува: постапката за добивање дозвола за рудник во Грција вообичаено трае од седум до осум години, наспроти горната граница од 27 месеци предвидена со Директивата. Земјите од Северна Европа нудат поинаков пример – Финска во јануари го обедини процесот на издавање дозволи под надлежност на еден орган, додека соодветното тело во Шведска ќе започне со работа во јули 2027 година“, пишува Калпадакис.
Во Македонија се очекува проекти од областа на рударството да бидат означени како „стратешки“ со новите закони за рударство и за геологија.