КАЈА КАЛАС ТВРДИ ДЕКА РУСИЈА ПЛАНИРА НОВИ САБОТАЖИ НИЗ ЕВРОПА Се повикува на разузнавачки извори

Еврокомесарката за надворешна политика на ЕУ ги даде овие изјави во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ, односно Советот за надворешни работи во формат посветен на одбраната.

68

Европските разузнавачки служби укажуваат дека Русија планира нови саботажи во Европа – изјави во Брисел шефицата за надворешна политика на Европската Унија Каја Калас, објави Фокс њуз.

Калас зборуваше во пресрет на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ, односно Советот за надворешни работи во формат посветен на одбраната. Според неа, целта на ваквите активности би била да се поделат општествата во Европа и да се заплашат за да се откажат од помошта за Украина.






– Мораме да останеме будни бидејќи разузнавачките информации укажуваат дека Русија планира понатамошни саботажи и напади врз нашата демократија – рече Калас пред состанокот во Брисел.

Таа изјави дека ЕУ веќе направила многу за зајакнување на одбраната и дека инвестициите се зголемиле, но предупреди дека сè уште има големи празнини во одбранбените капацитети.

– Сега треба да се фокусираме на тоа како всушност ќе ги пополниме тие празнини – рече Калас.

Еврокомесарката исто така најави разговори за ситуацијата на Блискиот Исток, особено за поморските операции на ЕУ во регионот. Таа истакна дека Мисијата за заштита на бродовите на Црвеното Море, позната како Аспидес, има потреба од повеќе бродови за да биде целосно оперативна.

Таа додаде дека побарала од земјите-членки поголем придонес во таа мисија, но дека сè уште не добила нови цврсти обврски. Како што наведе, потребата за придружба на бродови е поголема од кога било, поради што на ЕУ ѝ се потребни дополнителни поморски ресурси.

Поврзани содржини