ПРВА СРЕДБА МОСКВА-БЕРЛИН ОД ПОЧЕТОКОТ НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА Остануваат замрзнати односите меѓу Русија и Германија

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул му пренел на рускиот колега дека Германија е подготвена да се спротистави и да се брани, а во врска со распоредувањето вооружени беспилотни летала од страна на Русија на аеродромот во Лајпциг, а Сергеј Лавров рече дека не слушнал ништо ново.

0

 

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека неговата одлука да се сретне со рускиот колега Сергеј Лавров била поттикната од загриженоста за безбедноста и од потребата за решавање на растечката криза со извозот на храна.






Лавров и Вадефул се сретнаа вчера во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.

Тоа беше првиот ваков разговор откако Русија ја нападна Украина во 2022 година.

Вадефул рече дека распоредувањето вооружени беспилотни летала од страна на Русија на аеродромот во Лајпциг ја преминало границата и ја наметнало потребата од директна комуникација за да се стави до знаење дека Германија е подготвена да се одбрани.

– Русија мора да разбере дека сме подготвени да се спротивставиме и да се одбраниме – рече Вадефул во интервју за ARD.

Средбата се одржа и во контекст на дипломатските напори за рестартирање на извозот на жито и енергија од Русија и Украина преку Црното Море, кој беше сериозно ограничен од нападите врз бродовите и пристанишната инфраструктура.

– Многу колеги, особено оние од глобалниот југ, ме замолија да разговарам со Русија – рече Вадефул, наведувајќи го ова како уште една причина за разговорите.

– Таму постои закана од глад, па затоа сум за прекин на огнот во регионот на Црното Море – додаде тој.

Односите меѓу Москва и Берлин, близок сојузник на Украина, се замрзнати од почетокот на руската инвазија, а Вадефул рече дека таквото дипломатско молчење е неопходно.

– Но, сега дојде моментот кога почувствував дека мора да разговараме – рече Вадефул.

Како знак дека односите остануваат замрзнати, Лавров на прес-конференција изјави дека не слушнал ништо ново од својот германски колега што Берлин веќе не го објавил јавно.

– Му кажав искрено… можеше само да ме повикаш и да ми кажеш: „Прочитај ја мојата изјава“ – рече Лавров.

Вадефул возврати, велејќи дека тоа е реакција на некој што нема аргументи и е во прилично слаба позиција.

– Русија не може да му објасни на светот зошто ја продолжува оваа војна. Таа е бесмислена и чини илјадници животи – заклучи тој.

Поврзани содржини