ВМРО-ДПМНЕ СО НОВА ПОРAКА ДО ФИЛИПЧЕ Престанете да обвинувате други за состојбата во СДСМ
Владејачката партија го обвини лидерот на СДСМ дека одговорноста за состојбата во партијата ја префрла врз други, додека СДСМ и Филипче во свои настапи продолжуваат со критики кон власта.
ВМРО-ДПМНЕ со остри критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека не може одговорноста за состојбата во СДСМ да ја префрла на други политички партии.
Од владејачката партија велат дека состојбата во СДСМ е последица на политиката на актуелното раководство и тврдат дека во опозициската партија се создаваат фронтови со цел Филипче да биде тргнат од лидерската позиција.
„Венко не може да ги обвинува сите за состојбата во која се наоѓа СДС. Партијата е во таа состојба заради тоа што конкретно Венко Филипче е на чело, а очигледно дека никој не се согласува со тоа, па дури се креираат цели опозициски фронтови за Венко да се тргне од чело на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ по последните изборни резултати, според нивната оценка, се наоѓа на ниско ниво на поддршка. Тие тврдат и дека поранешни функционери на СДСМ подолг период јавно бараат Филипче да се повлече од лидерската позиција.
ВМРО-ДПМНЕ истовремено ја брани работата на актуелната влада, посочувајќи дека во изминатите две години спроведувала економски политики и проекти за кои, како што велат, постојат конкретни показатели дека државата се движи во позитивна насока.
Од партијата го обвинуваат Филипче дека во својство на претседател на СДСМ во јавноста шири, како што наведуваат, дезинформации и дека не успева да ја консолидира партијата.
„Две години како претседател на СДС само шири дезинформации и глупости во јавноста кои немаат никаква врска, кои постојано се демантирани дали од домашни дали од европски институции, две години лута и не може да се помири дека е опозиција и не може ни да ја консолидира партијата за да почнат да се однесуваат како опозиција“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија го критикува и однесувањето на СДСМ во Собранието, тврдејќи дека пратениците на партијата избегнуваат работни групи, меѓу кои и оние поврзани со Изборниот законик, како и пратенички прашања.
Во соопштението се осврнуваат и на наводни несогласувања во самата СДСМ.
„А вчера на една национална телевизија повторно нивен член посочи дека Венко ја држи партијата окупирана и узурпирана, но и дека не може да се однесува во јавноста неодговорно и да се појавува кога ќе му текне за одредени теми да биде гласен, а за одредени теми да го нема на мапа и да нема став“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија додаваат дека политички гледано, како што наведуваат, им одговара Филипче да остане на чело на СДСМ, но оценуваат дека тоа не е во интерес на граѓаните и државата.
„На ВМРО-ДПМНЕ му одговара Венко Филипче да е претседател на СДС. Не им одговара на граѓаните и на државата. Но ако продолжи вака, на добар пат се да се уништат меѓусебно, Венко и остатокот од талогот на СДС“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ во своја објава од 26 септември Филипче го критикуваше работењето на власта, особено во однос на животниот стандард и состојбата во земјоделството, и повтори дека СДСМ предлага зголемување на минималната плата на 600 евра и финансиска поддршка за земјоделците.