ИРАН ГИ ПРЕДУПРЕДИ БРОДОВИТЕ ЗА ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Техеран најавува последици за оние што ќе ги прекршат правилата
Техеран предупредува дека користењето на рутите што ги смета за нелегални може да донесе финансиски штети и ограничување на идниот транзит низ Ормускиот Теснец.
Иранскиот орган за контрола на Ормускиот Теснец ги предупреди бродовите за можни последици доколку користат рути што Техеран ги означил како нелегални.
„Ова претставува ризик од финансиски загуби и штети за бродот, неговиот сопственик, капетанот и екипажот и сериозно ја ограничува можноста на бродот во иднина да транзитира низ Ормускиот Теснец“, се наведува во соопштението на иранскиот орган.
Сопствениците на бродовите мора да преземат неопходни мерки за да спречат вакви прекршувања. Доколку изнајмувачите на бродовите ги прекршат правилата, може да бидат воведени ограничувања за идното минување низ Теснецот за сите бродови на засегнатите компании.
Во меѓувреме, Иран им претставил на САД „седумдневен план“ за повторно воспоставување на бродскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, преку посредништво на Катар, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи.
Предлогот предвидува Вашингтон да исполни одредени услови пред Теснецот повторно да биде отворен за бродски сообраќај. Според „Волстрит џурнал“, меѓу барањата е и укинување на американската поморска блокада.
Американскиот претседател Доналд Трамп, сепак, го отфрли иранскиот предлог.