ШВЕДСКА ПОВЕЌЕ НЕ Е ИСТАТА ЗЕМЈА, СТРАНЦИТЕ ГИ ПАКУВААТ КУФЕРИТЕ Доселеници се жалат на новите миграциски правила и ја напуштаат земјата
Новите правила за шведско државјанство предвидуваат подолг престој, тестови за јазик и општество и минимален приход, додека дел од доселениците велат дека и односот кон странците се променил.
Шведска, некогаш симбол на општествената отвореност и засолниште за голем број луѓе од целиот свет, во последните години значително ја заостри миграциската политика, поради што странците сè почесто се чувствуваат непосакувано. Во текот на 2025 година азил побарале само 6.737 луѓе, што е рекордно низок број – дури 10.000 помалку во споредба со 2022 година.
Новите, построги правила за стекнување државјанство ги изненадиле и добро интегрираните, високообразовани странци, а германскиот „Spiegel“ пренесува приказни на доселеници чии животи, како што се наведува, преку ноќ станале покомплицирани.
Од 6 јуни стапиле во сила нови правила според кои за стекнување шведски пасош е потребен најмалку осумгодишен престој во земјата, наместо досегашните пет години, односно седум за лицата во брак со Швеѓани.
Воведени се и тестови за познавање на јазикот и шведското општество, како и задолжителен минимален приход од околу 1.800 евра бруто.
Најголем гнев, според текстот, предизвикала одлуката правилата да се применуваат ретроактивно, односно и на веќе поднесените барања.
Софтверскиот инженер Алиреза Тавакол, кој пред шест години дошол во Шведска со намера да започне бизнис и да добие шведски пасош, бил изненаден од промената.
– Имам голем проблем со тоа што правилата се применуваат ретроактивно – вели тој револтирано.
Новите правила предизвикуваат фрустрации и кај луѓето кои основале семејства во Шведска.
Канадската новинарка Менди Пајфер, која живее во Умео со својот сопруг Швеѓанец, сега стравува поради финансискиот услов. Во моментов го исполнува условот за приходи, но се плаши што би можело да се случи во иднина.
– Секако дека тоа влијае врз одлуката дали воопшто ќе имате второ дете – вели таа, иако засега не планира да ја напушти земјата.
Од друга страна, сè позатегнатата општествена атмосфера и бирократијата ја натерале американската претприемачка Аманда Херцог да ги спакува куферите и да се врати во САД, иако во Шведска изградила успешен бизнис.
Таа сведочи за, како што го опишува, неверојатното менување на односот кон странците.
Како што вели, нејзината долгогодишна фризерка одеднаш престанала да разговара со неа на англиски јазик, а од познаници сè почесто слушала:
„Во Шведска сме, те молам, зборувај шведски“.
– Секако дека мораме да го научиме јазикот ако живееме овде, но проблемот беше во ставот што стоеше зад тоа. И писмата од миграциската служба станаа сè поостри – вели Аманда.
Едно такво остро писмо, според нејзиното сведоштво, било пресудно за нејзината одлука да ја напушти земјата, во која, како што вели, ја изгубила довербата во системот.
Денес таа има јасна порака за сите кои размислуваат да се преселат во северна Европа.
– Повеќе никому не би му препорачала да се досели во Шведска – вели Аманда, додавајќи дека многу од оние кои бегаат од политичката атмосфера во своите земји, во денешна Шведска би можеле да се чувствуваат уште полошо.