ПРВО ЌЕ ГО СРУШАТ ФИЛИПЧЕ, ПА ЌЕ ЈУРИШААТ КОН ВЛАСТА Платформата 12.05 се одважи да се справи со колабираниот СДСМ и да создаде опозициски фронт

Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Никола Ќуркчиев, Славјанка Петровска и Емилијан Станковиќ во наредните денови ќе разговараат со претседателот Венко Филипче, од кого очекуваат да си замине од функцијата, за да може да се реструктуира партијата, на која, во спротивно, сметаат дека ѝ се заканува исчезнување.

752

Платформата 12.05, иницирана од поранешни функционери на СДСМ, ќе го руши Венко Филипче од лидерската позиција на СДСМ, со цел СДСМ повторно да стане силна опозициска партија која ќе биде стожер за силно опозициско обединување, а со крајна цел – победа на парламентарни избори и симнување од ВМРО-ДПМНЕ од власт.

Игор Ивановски, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Никола Ќуркчиев, Славјанка Петровска и Емилијан Станковиќ денеска на брифинг ги најавија следните чекори на иницијативата 12 и 5. Во сабота ќе ги одржат вторите „Разговори за иднината во 12 и 5“, на тема „35 години потоа“, по што, можеби и од следниот ден „ќе тргнат“ по Филипче. Рекоа дека нивните цели за конечен здрав напредок на Македонија не можат да се остварат со актуелното раководство на СДСМ. Не открија детали како ќе го натераат Филипче да поднесе оставка од претседателската позиција на СДСМ пред да му ги откријат прво лично нему, само категорично рекоа дека имаат разработен план за тоа.






– Македонија денес, по парламентарните и по локалните избори е во сложена, апсурдна ситуација. Имаме влада со голем рејтинг, а која нема резултати. Оваа власт на чело со Христијан Мицкоски не покажа резултати во борбата со криминалот и со корупцијата, не покажа волја за вистински реформи во правосудството, затајува во сервисните услуги – здравството, образованието и социјалните политики. Ја изгуби битката со инфлацијата, а Македонија се соочува со висока неликвидност. А зошто има висок рејтинг? Поради отсуството на алтернатива, на опозиција. Подолго време нема енергична, јасна, прецизна и фокусирана опозиција – рече Игор Ивановски.

Има опозициско расположение кај граѓаните, додаде тој. Затоа ја создале Платформата 12 и 5, како алатка за сериозна дебата на профилирачки луѓе, способни да генерираат политики.

– Го следиме развојот во СДСМ и јасно е дека проблемите таму не се од пред 2 години. Гласачкото тело на СДСМ старее и исчезнува, а партијата не комуницира со младите. Многу граѓани се чувствуваат изневерени од СДСМ, со изневерени очекувања од периодот од 2016, 2017, 2018 година, по Шарената револуција и уривањето на режимот на Груевски. За да се креира дебата, ја создадовме оваа демократска опозициска платформа, со синтагмата „Доцна е, ама да не биде предоцна“. Целта ни е опозициско окрупнување, да создадеме опозициски фронт, место каде ќе се приклучат партии, организации и граѓани и секако СДСМ, ама не со ова раководство – рече Ивановски.

Тој е категоричен дека немаат намера да формираат нова партија.

– Ние сме СДСМ. Никој на „Бихаќка“ нема право да ја зема партијата под свое. Нема да формираме партија, нема да бидеме ниту ЗНАМ, ниту НСДП. Нема да креираме независни листи за избори, без разлика дали ќе се предвремени во 2027 година или редовни во 2028 година. Сакаме да ги привлечеме граѓаните во нашата мултиетничка платформа. Целта ни е промени во раководството на СДСМ, за на крај овој фронт да се соочи со власта на изборите и да ја победи – рече Ивановски.

Фото: Плусинфо

Пратеничката Славјанка Петровска рече дека нивото на политичка дебата во моментов е ниско.

– Некои прашуваат зошто сега сме се појавиле. Ние сега само медиумски се експонираме, а најмалку 2 години наназад, секој поединечно и без меѓусебен договор комуницираме со раководството на СДСМ за аномалиите и за пропустите. Имав со претседателот неколку средби на тема СДСМ. Моите констатации завршуваа или со премолчување или со постигнување договор па неспроведување на договореното. Поентата е дека ако не се промени, СДСМ ќе исчезне – рече Петровска.

Зошто сега има изненаденост во врвот на СДСМ дека сме се појавиле, се чуди таа.

– Јасно сме кажувале, дека ваков СДСМ, до непрепознавање, е штит на ВМРО-ДПМНЕ. Му го чува времето на Мицкоски, а го губи времето на СДСМ. Имавме 2 години интензивни обиди да ги смениме нештата од внатре. На пример, ние не дадовме отчет пред членството каде згрешивме. Оставете го Преспанскиот договор и промената на името, имаше многу пострашни работи. Затоа на конгресот предложив ветинг на функционерите на СДСМ. Не ми беше даден одговор. Ние мора да ја вратиме моќта кај членството. Мора да се рестартира СДСМ, за да дојде до промена на власта. Ние овде сега не сме дел од проблемот, туку од решението – рече Петровска.

Ние не бараме проста замена на фотелјите, додаде таа, не бараме некој да си оди, за ние да седнеме.

– СДСМ се бореше против заробена држава, а направи заробена партија и со статутот и со политиките – рече Ивановски.

Емилијан Станковиќ рече дека Филипче нема право да говори дека не бил информиран за нивната активност.

– Јас сум се видел со него најмалку 3 пати. Земајќи предвид со кого си имам работа, одев на средбите со сведоци. Му објаснив што планираме со платформата, што е нашата намера, кого планираме да поканиме и притоа го замолив да не игра на прва топка, да слушне што е нашата идеја и да се приклучи во приказната. Ми одговори: Ако не ве нападнам, сите ќе отидат кај вас. Тој ги држи во заблуда сите дека не бил информиран, точно знаеше и не презеде ништо – рече Станковиќ.

Венко Филипче не е претставник на членството на СДСМ, додаде тој.

– Тој зеде членска книшка кога требаше да стане министер. Статутарно тој немаше право да се кандидира за висока функција. Тој е претставник на фиктивни картички за гласање. Во изминатиов период собираме податоци и правиме досие за начинот на кој се спроведуваат внатрепартиски избори во СДСМ. Точно се знае во која изборна единица колку фалсификат картички се користат и кој во централата го аминува тој фалсификат. Така што, Венко Филипче имаше две години да ја венкоизира партијата и затоа дојдовме до ова дереџе. Тој е последниот што има право да говори за нас дека сме вмровци, зашто ние кога се тепавме со режимот на Груевски, тој беше дел од контрапленумот и се криеше под јорган планина – рече Станковиќ.

На прашање дали прво ќе го менуваат Филипче или прво ќе ја окрупнуваат опозицијата, тој рече дека имаат направена анализа на целата структура на гласачкото тело и дека прогресивната демократска јавност ја сочинуваат до 250.000 гласа кои „се тркалаат“ по улица, се опозициски настроени, но нема кој да ги привлече со програма.

– Сакаме да ги привлечеме тие гласови и сакаме да направиме структурни реформи на СДСМ. Дали имаме план како да ги предизвикаме? Да, но ќе дадеме последна шанса на Венко Филипче. Него прв ќе го известиме за планот какви чекори треба да се повлечат за СДСМ да се врати во кондиција за да бара доверба, бидејќи во моментот е на раб на егзистенцијален минимум. Ако вака продолжи СДСМ ќе го однесат на изборна кланица. Нема да чекаме, брзо ќе делуваме, но прво ќе го известиме Филипче – рече Станковиќ.

Во договор се Мицкоски и Филипче, додаде Становиќ.

– Христијан Мицкоски си купува време, а Венко Филипче си купува слобода. И други – рече тој.

Ивановски додаде дека врз база на одлуката на Филипче ќе постапуваат понатаму.

– Ние ги имаме разработено сценаријата и ќе постапиме согласно со нив – рече Ивановски.

Комплицирано и деликатно е дали прво Филипче или прво опозицискиот фронт, дополни Гордан Георгиев.

– Тоа се комплементарни процеси. За да се парира на власта и за да се освои власта понатаму, нема друг начин освен окрупнување на опозицијата. СДСМ секогаш била стожер во опозициското делување, а сега е петта партија во Скопје. Тој стожер мора да се врати, за да привлекува луѓе и да ѝ парира на власта. Сега нема никаква комуникација со граѓаните, освен оние одвратни прес-конференции. И затоа, процесите се паралелни и тие подразбираат нова енергија во СДСМ која ќе биде стожер на опозициското делување во Македонија – рече Георгиев.

Андреј Петров дополни дека Венко Филипче е некомпетентен да биде лидер на СДСМ.

– Мора да сме автентични на СДСМ-овската идеологија. Тој е изгубен во просторот. Нема таков случај човек што бил на другата страна да стане лидер на партија. Тој во времето на Груевски беше во контрапленумот, кога организиравме штрајк на лекарите, тој беше штрајкбрејкер, кога се договаравме кој ќе спие во шаторите пред влада, тој беше советник на министер. И сега во СДСМ останаа само оние кои се клиентелистики настроени. Јас со него се видов два пати, повеќе не, што ќе разговарам, треба некој да ме лаже – рече Петров.

На прашање дали поради овие активности очекува да биде исклучена од партијата, Славјанка Петровска рече дека според статутот може да биде искчучен само оној кој работи против СДСМ, а таа е подготвена за статутарна постапка, доколку биде поведена.

Поврзани содржини