КОМПЈУТЕРОТ ВЕЌЕ НЕ МОРА ДА КОРИСТИ ЧИП И СТРУЈА Со капка ДНК се пресметани 100 бита во нов систем
Ирски научници направија компјутер во кој милијарди молекули ја извршуваат пресметката преку природното врзување на ДНК. Системот може повторно да се користи, а помалите задачи ги решава за помалку од минута.
Компјутер што нема силициумски чип, транзистори ниту електрични импулси успешно извршил 10 различни програми, меѓу нив и 100-битна пресметка.
Научниците од Универзитетот Мејнут во Ирска го изградиле од ДНК, а наместо струјата, пресметувањето го движи природната тенденција на молекулите да се организираат во енергетски најповолна состојба.
Резултатите се објавени на 16 септември во „Нејчр“.
Не е квантен компјутер
Иако звучи подеднакво футуристички, ДНК компјутерот не треба да се меша со квантниот. Квантниот компјутер обработува информации со кубити и ги користи законите на квантната механика. Овој систем е молекуларен: информацијата и правилата за пресметување се кодирани во ДНК нишки, кои меѓусебно се врзуваат и заменуваат.
Токму тука е необичниот пресврт. Наместо процесорот чекор по чекор да ја бара точната пресметка, истражувачите го дизајнирале системот така што точниот резултат станува термодинамички најповолната состојба. Наједноставно кажано, молекулите „се натпреваруваат“, а системот природно се движи кон конфигурацијата што го кодира одговорот.
ДНК компјутерот не се натпреварува со квантниот во брзина – неговата предност е што милијарди молекули можат да работат паралелно, во микроскопски простор.
Без чип, без електрични импулси
Компјутерот, наречен Scaffolded DNA Computer (SDC), користи долга ДНК нишка како основа и голем број пократки нишки што ја носат програмата. Истражувачите го темелат пристапот врз принципите на ДНК оригами.
Во тестовите извршиле 10 програми: множење со 3, делење со 2, проверка на паритет и собирање 25-битни броеви, што претставува 100-битна пресметка.
Малите задачи завршувале за помалку од минута, а дел од програмите биле повторно употребени десетици пати.
Ќе ви работи во клетките, ќе препознава болест
Токму големината и биолошката природа му отвораат на ДНК компјутерот простор каде што класичниот чип не може да стигне – во живите клетки. Во иднина, молекуларни системи би можеле да препознаваат биолошки сигнали во клетката, да ги обработуваат и да активираат однапред програмиран одговор.
Тоа отвора можност за микроскопски „компјутери“ што би препознавале показатели за болест директно во организмот, а еден ден потенцијално би можеле да активираат и терапевтски одговор. Сегашниот SDC сè уште не го прави тоа, но истражувачите токму работата на молекуларни компјутери во клетки ја посочуваат како една од идните насоки.