📽️ ТЛОТО ПОД АФРИКА СЕ ЦЕПИ, ЕВЕ КАКО ЌЕ СЕ ПОДЕЛИ Геолозите предвидуваат нов океан за неколку милиони години

Земјината кора во дел од Источна Африка е дебела само 13 километри. Геолозите велат дека раздвојувањето напредувало повеќе од претходните процени.

182

Koнтинетот Африка полека се дели на 2 дела, а новите геолошки мерења покажуваат дека процесот во Источноафриканскиот Рифт е понапреден отколку што се сметаше. Ако продолжи, за неколку милиони години меѓу раздвоените делови може да почне да се создава нов океан.

Во центарот на Турканскиот расед, кој се протега низ Кенија и Етиопија, Земјината кора е истенчена на само околу 13 километри. На рабовите од истиот регион таа е дебела повеќе од 35 километри.






Границата од 15 километри е помината

Токму бројката од 13 километри е важна за геолозите. Кога кората во зоната на расед ќе стане потенка од околу 15 километри, процесот влегува во напредна фаза на истенчување.

„Откривме дека процесот на одвојување во оваа зона е понапреден и дека Земјината кора е потенка отколку што се мислеше претходно“, вели геонаучникот Кристијан Роуан од Универзитетот „Колумбија“.

Големиот Источноафрикански Рифт всушност ја раздвојува африканската тектонска плоча. На запад останува Нубиската плоча со најголемиот дел од Африка, додека на исток се оддалечува Сомалиската плоча.

 

Од пукнатината може да се роди океан

Следната голема фаза би била создавање нова океанска кора. Континенталната кора продолжува да се растегнува и истенчува, а магмата од внатрешноста на Земјата може да создава нова кора.

Во далечната иднина во новиот басен би можела да навлезе вода од околните мориња и океани. Сличен геолошки процес веќе се забележува во Афарската депресија, во близина на Црвеното Море.

Сепак, нема Африка наскоро да се „распука“ пред човечки очи. Геолошкото раздвојување се мери во милиони години, а не во години или децении.

Пукнатината крие и човечка приказна

Новото откритие отвора уште едно интересно прашање. Туркана е едно од најбогатите места со фосили на рани човечки предци, а геологијата можеби помогнала тие да стигнат до нас.

Истражувачите проценуваат дека раседот влегол во сегашната фаза пред околу четири милиони години. Истенчувањето на кората и таложењето седименти можеби создале особено добри услови за зачувување на фосилите што денес се клучни за проучувањето на човечката еволуција.

Поврзани содржини