МАКРОН ГО ТРАМПА УСМАНОВ ЗА ФРАНЦУСКИ ЗАТВОРЕНИЦИ? ЕУ ги продолжи руските санкции само седум дена
Европската Унија мораше во последен момент да ги продолжи санкциите против речиси 3.000 лица и компании поврзани со Русија за само седум дена, откако Франција и Словачка го блокираа нормалното шестмесечно продолжување. Зад француското вето стои необична дипломатска операција: Париз бара рускиот милијардер Алишер Усманов да биде симнат од црната листа, а „Фајненшл тајмс" открива дека тоа е дел од напорите за ослободување неколку француски државјани притворени во Азербејџан.
Амбасадорите на 27-те членки во понеделникот, 14 септември, не успеаја да обезбедат едногласност за редовното продолжување на индивидуалните санкции. За мерките да не истечат на 15 септември, постигнат е привремен договор тие да останат во сила до полноќ на 22 септември. Тоа значи дека Брисел доби уште само една недела да го реши спорот. Санкциите вклучуваат замрзнување на имотот, забрана за патување во ЕУ и забрана европски лица и компании да им ставаат средства на располагање на санкционираните.
Словачка на Роберт Фицо веќе подолго време бара од листата да бидат избришани Усманов и рускиот милијардер Михаил Фридман. Изненадувањето дојде кога на Братислава ѝ се придружи Франција, но само во случајот со Усманов. Париз првично не сакаше јавно да го објасни пресвртот и се повикуваше на „национални безбедносни интереси”. Сега извори запознаени со разговорите за Фајненшл тајмс велат дека француската позиција е поврзана со преговорите за ослободување француски државјани во Азербејџан.
Практично, Усманов станал монета за поткусурување во еден сосема друг дипломатски спор. Франција се обидува да постигне договор со Баку, а симнувањето на руско-узбекистанскиот милијардер од европската црна листа би било дел од аранжманот. Не е соопштено колку француски државјани се опфатени со разговорите, ниту каков точно договор се преговара со азербејџанските власти. Фајненшл тајмс наведува дека, доколку успее, ова би било прв случај санкциско олеснување воведено по руската инвазија врз Украина директно да се поврзе со ослободување затвореници.
Тоа предизвика силно незадоволство меѓу другите членки. Еден европски дипломат го опишал француското барање како „зачудувачко”, а друг предупредил дека Париз практично користи вето врз заедничката европска политика за да реши билатерален проблем – метод што во Брисел со години се поврзуваше со владата на Виктор Орбан. Повеќето членки, според дипломатите цитирани од FT и Euronews, се против симнувањето на Усманов, а некои предупредиле дека ако Франција добие исклучок, и други влади би можеле да побараат бришење имиња од листата.
Усманов е роден во Узбекистан, а своето богатство го изгради преку инвестиции во металургијата, рударството, телекомуникациите, медиумите и технологијата. „Ројтерс” го проценува неговото богатство на околу 18,8 милијарди долари. ЕУ го стави под санкции по руската инвазија врз Украина во 2022 година, наведувајќи ги неговите блиски врски со Владимир Путин и деловните интереси во важни сектори на руската економија. Усманов ги отфрла ваквите квалификации и ги оспорува санкциите пред европските судови.
Но врската со Азербејџан не се појавува првпат. Во март турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му испратил писмо на Фицо барајќи помош за Усманов, а во документот било наведено дека за негово симнување од санкциите се залагаат и Азербејџан, Казахстан, Киргистан и Узбекистан. Словачка и тогаш се обиде да го услови продолжувањето на санкциите со бришење на Усманов и Фридман, но на крајот попушти.
Овојпат ситуацијата е потешка бидејќи Фицо повеќе не е сам. Франција е нуклеарна сила, постојана членка на Советот за безбедност на ОН и една од политички најмоќните членки на ЕУ. Дипломатите цитирани од Euronews велат дека Париз засега не покажува намера да попушти. Поради тоа компромисот од 14 септември само ја одложи кризата: спорните имиња остануваат на листата уште седум дена, но суштинскиот проблем не е решен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски јавно реагираше на пазарењето. Тој ги спомена по име Усманов и Фридман и порача дека сега „не е време” Европа да спасува руски олигарси од санкциите. Киев стравува дека евентуалното бришење на Усманов под притисок на Франција и Словачка би создало преседан и би ја претворило санкциската листа во средство за билатерални договори на поединечни членки.
Случајот воедно открива една од најголемите слабости на заедничката надворешна политика на ЕУ. Санкциите може да бидат предложени во Брисел и да има т поддршка од огромното мнозинство членки, но нивното продолжување бара едногласност на сите 27 држави. До вчера Фицова Словачка беше главниот пример за моќта што ја дава тоа правило. Сега истата алатка ја употребува Франција – за ослободување свои државјани од Азербејџан. На Брисел му остануваат уште седум дена да најде решение: на 22 септември повторно ќе мора да избира меѓу Усманов, француските интереси и опстанокот на целата санкциска листа.
Франција и Словачка, сепак, веќе не се единствените што се подготвени да го симнат Усманов од црната листа. Според „Фајненшл тајмс“, Хрватска и Италија исто така го поддржале неговото бришење, но како компромис со кој би се избегнало пропаѓањето на целиот санкциски режим. Со тоа зад Усманов практично застанаа четири членки – Франција, Словачка, Италија и Хрватска – иако мнозинството земји во ЕУ и натаму се против. Луксембург, пак, поддржува продолжување на санкциите, но предупредива дека ако Усманов биде симнат, тогаш сака од листата да биде симнат и Михаил Фридман. Тоа дополнително го усложнува спорот: прашањето веќе не е изолиран словачки услов или француски национален интерес, туку обид да се најде цена што 27-те членки се подготвени да ја платат за да ја зачуваат заедничката санкциска листа.