🎥 ТРАГЕДИЈА НА ВЕРСКА ПРОСЛАВА ВО МЕКСИКО Експлодира пиротехника, 10 загинати и десетици повредени

Обвинителството на сојузната држава Мексико отвори истрага за да утврди како дошло до активирање на пиротехниката и дали биле почитувани правилата за нејзино складирање.

0

Најмалку 10 лица загинаа во силна експлозија на пиротехнички материјал за време на верска прослава во Мексико. Несреќата се случила во заедницата Санта Марија Канчесда, во општината Темаскалсинго во сојузната држава Мексико, додека стотици жители биле собрани на прослава во чест на Богородица од Светлината.

Експлозијата одекнала во саботата навечер, на 5 септември, во непосредна близина на црквата „Нуестра Сењора де ла Луз“. Според првичните информации на локалните власти, пиротехничкиот материјал бил складиран во просторија што служела како магацин покрај црквата. Детонацијата била толку силна што урнала дел од објектот, а луѓе останале затрупани под урнатините.






Првичниот официјален биланс беше 64 повредени, но подоцнежните информации објавени од мексиканскиот весник „Ла Хорнада“ наведуваат дека бројот на повредени се зголемил на 81, од кои петмина биле во тешка состојба. Меѓу десетте загинати има и две деца.

На местото веднаш биле испратени пожарникари, екипи на цивилната заштита, полиција и амбулантни возила од повеќе околни општини. Со тешка механизација биле расчистувани урнатините и извлекувани затрупаните. Меѓу повредените се и двајца свештеници, за кои локалната бискупија соопшти дека се надвор од животна опасност.

Обвинителството на сојузната држава Мексико отвори истрага за да утврди како дошло до активирање на пиротехниката и дали биле почитувани правилата за нејзино складирање. Пиротехниката традиционално е составен дел од многу верски и локални прослави во Мексико, а несреќи со експлозии се случувале и претходно.

Поврзани содржини