ПОЧИНА ПОЗНАТИОТ ХРВАТСКИ МУЗИЧАР ДЕНИ КОЖИЌ Свиреше со Филм, Пипс чипс и видео клипс, Психомодо Поп
Загрепскиот гитарист, пејач и кантавтор почина ненадејно само 19 дена пред да наполни 62 години. Зад себе остави повеќедецениска кариера на хрватската рок-сцена.
Хрватската музичка сцена остана без уште едно препознатливо име. Дени Кожиќ, загрепски гитарист, пејач и кантавтор кој свиреше со некои од најпознатите хрватски рок-бендови, ненадејно почина на 1 септември 2026 година, само 19 дена пред својот 62. роденден.
Од Кожиќ на социјалните мрежи се прости Дубравко Иваниш, фронтменот на Pips, Chips & Videoclips, потсетувајќи на периодот во кој Кожиќ свирел со бендот.
– Нè напушти Дени Кожиќ, мојот запруџански гуру и извесно време член на Pips во концертната ера на „Drveće i rijeke“. Музичар од глава до пети и заебан лик приватно. Животот, за моја среќа, нè спои сè до денешни дни. Дени, испиј една и за мене намќорот, штом ќе стигнеш таму. Те сакам, се гледаме – напиша Иваниш.
Кожиќ е роден на 20 септември 1964 година, а неговата активна музичка кариера започнала во средината на осумдесеттите години. Во текот на децении оставил трага на загрепската рок-сцена, пред сè како гитарист, иако подоцна се посветил и на сопственото авторско творештво.
Пошироката публика го памети и од спотот за „Dobre vibracije“ на Јуре Стублиќ и Филм, во кој со гитара се појавува на врвот на облакодер на плоштадот Бан Јелачиќ. Бил поврзан и со Психомодо Поп. Членовите на бендот во 2009 година зборувале за него како за долгогодишен пријател и го поканиле да им се придружи на концертот во загрепскиот Boogaloo. Таму свирел акустична и електрична гитара.
Првиот бенд Кожиќ го основал уште како ученик во осмо одделение, заедно со Саша Брнчиќ и Каменко Шимуновиќ. Го нарекле „Obiteljska zavjera“, според истоимениот филм на Алфред Хичкок.
На почетокот на осумдесеттите години посетувал Школа за применета уметност, каде што љубовта кон гитарата и музиката го поврзала со Влатко Чавар Брада и Роберт Јуриќ Јура, пишува порталот „Ravno do dna“.
Кон крајот на 1984 година, по отслужувањето на воениот рок, Кожиќ и Јуриќ започнале да ја развиваат идејата за нов бенд, а набргу им се придружил и Чавар. Така настанал „Ritam s ovoga svijeta“.
На првиот албум на групата, објавен во 1986 година, гостувале познати имиња од тогашната рок-сцена. Маргита Стефановиќ од EKV свирела клавијатури, учествувале членовите на дувачката секција на Haustor, Никола Сантро, Игор Павлица и Алчео Марти, додека придружен вокал снимил Марино Пелајиќ од Film. Продуцент на албумот бил Ведран Божиќ.
По објавувањето на албумот, бендот не ја добил очекуваната поддршка од издавачите, а Кожиќ го напуштил по промотивните концерти. Во потрага по нови музички искуства, му се придружил на Академскиот хор „Иван Горан Ковачиќ“, а во 1987 година бил и еден од авторите на радиодрамата „Univerzijalnih 87 jada“ на Радио 101, емитувана во годината кога Загреб бил домаќин на Универзијадата.
Во следните години Кожиќ беше дел од низа бендови и музички проекти, најчесто како гитарист. По една деценија помината со други изведувачи, во 2014 година реши повеќе да се посвети на сопствените песни.
Тогаш го објави првиот соло-сингл „Nasukan“, со кој започна да го гради својот авторски репертоар.
Следуваа песните „Major Tom“, „Eko gorivo“ и „Dvoje“. Последната ја сними со Љубица Гурдулиќ, поранешна членка на Svadbas. Тоа бил негов прв дует, а песната ја продуцирал Тин Остреш.