РИМАЦ СЕ ОГЛАСИ ЗА РОБОТАКСИЈАТА, СПРЕМЕН ДА ГИ ВРАТИ ПАРИТЕ Колку од 89,7 милиони евра ќе останат кај „Верн“?
Компанијата на Мате Римац првпат проговори за можно враќање на европските пари за проектот за роботаксија. „Верн“ вели дека ќе ги врати средствата ако евалуацијата покаже дека договорените обврски не се целосно исполнети.
Компанијата на познатиот хрватски техно-претприемач Мате Римац е подготвена да ги врати европските пари ако конечната евалуација покаже дека не ги исполнила договорените обврски за роботаксијата. „Верн“ досега повлекла 89,7 милиони евра аванс за националниот проект кој заврши на 30 август.
Информацијата доаѓа откаков веќе се пишуваше дека низ Загреб веќе возат роботаксија, но дека не се „оние кои биле ветени“ од компанијата Римац.
Ова е првпат компанијата јавно да проговори за можно враќање на средствата.
„Компанијата е подготвена да ги врати сите средства ако евалуацијата на постигнатото покаже дека договорените обврски не се целосно исполнети“, соопштиле од „Верн“ за хрватски „Индекс“.
За проектот на поранешната „Проект 3 Мобилност“, денес „Верн“, биле одобрени вкупно 179,5 милиони евра од Националниот план за закрепнување и отпорност. Од нив компанијата повлекла 89,7 милиони евра аванс.
Роботаксијата во Загреб се друга приказна
Роботаксијата кои сега сообраќаат во Загреб не се возилата што требало да бидат резултат на европски финансираниот проект.
Станува збор за електрични возила „Arcfox Alpha T5 Robotaxi“. Автомобилите се кинески, системот за автономно возење го обезбедува „Pony.ai“, „Верн“ управува со возниот парк, а услугата се нарачува преку „Uber“.
Во автомобилот има лиценциран безбедносен оператор кој може да интервенира. Системот е наменет за автономно возење од ниво 4.
Директорот на „Верн“, Марко Пејковиќ, претходно нагласи дека оваа услуга „нема никаква врска со финансирањето од ЕУ“.
Колку пари компанијата евентуално ќе врати ќе биде познато по конечната евалуација. Од повлечените 89,7 милиони евра, до јуни биле оправдани околу 8,7 милиони, но компанијата може да пријави и дополнителни прифатливи трошоци направени во текот на проектот.
Следува конечната пресметка
Копмпанијата „Верн“ сега има еден месец да го достави конечниот извештај за активностите, трошоците и постигнатите резултати. Надлежните институции потоа треба да утврдат кои обврски се исполнети, кои трошоци ќе бидат признаени и колкав дел од добиените пари евентуално треба да биде вратен.
Компанијата тврди дека институциите веќе потврдиле испорака на предвидените прототипови за верификација, спроведување тестови и усвојување прописи за автономно возење.
Сè уште треба да се оценат други цели. Меѓу нив се 50.000 бесплатни ваучери за лица со попреченост, производство на автономни електрични возила приспособени за нив и воспоставување специјализирана инфраструктура.
Покрај европските средства, „Верн“ наведува дека од приватни инвеститори собрала повеќе од 140 милиони евра.
Што е со автономијата од ниво 5?
Во одговорот компанијата не дала конкретен одговор за две прашања што претходно се отворија околу проектот – автономијата од ниво 5 и конечната хомологација на возилото.
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претходно рече дека проектот не добил конечно одобрение од надлежната институција во Германија.
– Тој рок не беше исполнет, но за жал тоа беше нешто што беше надвор од наш дофат. Не можеме да влијаеме дали еден корисник ќе ја заврши хомологацијата на време – рече Пленковиќ.
Автономното возило од ниво 5 било една од клучните договорни цели на проектот. Тоа е највисокото ниво на автоматизација, при кое автомобилот не бара возач и не е ограничен на однапред определени подрачја или услови.
Сепак, ниту една компанија во светот во моментов нема целосно автономно возило од ниво 5.
„Верн“ во одговорот наведува „целосно автономни и електрични возила“, но не наведува дека некој од прототиповите е верификуван како возило од ниво 5.