СЕЛИН ДИОН НЕ СЕ ПРЕДАВА Секој ден се бори со тешката болест, а сега конечно се враќа на сцената

По години борба со синдромот на вкочанета личност, пејачката пристигна во Париз каде ја очекуваат 16 концерти – признава дека има страв, но и огромна желба повторно да пее пред публика

1

Селин Дион пристигна во Париз, а нејзиното враќање на сцената е сè поблиску. 58-годишната канадска пејачка во септември започнува серија од 16 концерти во Paris La Défense Arena, по повеќегодишната пауза предизвикана од ретката невролошка болест – синдромот на вкочанета личност. Нејзиното пристигнување во француската престолнина беше проследено со аплаузи од обожавателите, а Дион не го криеше возбудувањето поради повторната средба со публиката.

Нејзината здравствена состојба со години беше голема тајна. Дион во декември 2022 година откри дека ѝ бил дијагностициран синдром на вкочанета личност, ретко невролошко нарушување кое може да предизвика силна вкочанетост на мускулите, болни грчеви и проблеми со движењето. Болеста значително ѝ го отежна секојдневието и ја принуди да ја откаже светската турнеја „Courage“. Во новото интервју за „Harper’s Bazaar“ откри дека со години пред дијагнозата се обидувала да ги сокрие симптомите и да продолжи да настапува.






Дион открила дека во еден период состојбата била толку тешка што едвај можела да оди. Со години земала и дијазепам за да може да функционира и да настапува, пред конечно да биде откриено од што страда. Денес нејзиното секојдневие изгледа сосема поинаку – поминува низ интензивна физикална и вокална терапија, имунолошки третмани, пилатес и балет, со цел телото повторно да го подготви за сцената.

Според информациите од нејзиниот тим, Дион сега многу дисциплинирано го подготвува своето тело за враќањето на сцената. Три пати неделно вежба пилатес, и тоа по цели 90 минути.

Иако болеста не исчезнала, Дион не сака да се откаже од кариерата. Таа во март годинава објави дека се чувствува добро, силно и возбудено поради враќањето, а сега нејзината желба станува реалност. Париската серија од концерти ќе започне на 12 септември, а првично беа најавени 10 концерти. Поради огромниот интерес бројот на настапи бил зголемен на 16, додека дополнителни 10 концерти се планирани за мај 2027 година.

За Дион ова ќе биде најголемото враќање на концертната сцена по години. Во јули 2024 година таа имаше емотивен настап на отворањето на Олимписките игри во Париз, кога ја отпеа „Hymne à l’amour“. Но, претстојните концерти ќе бидат нешто сосема поинакво – првата целосна концертна серија откако здравствената состојба ја принуди да се повлече.

Сега, додека се подготвува за настапите, Дион отворено зборува и за стравот што го чувствува. По толку долг период надвор од сцената, повторното пеење пред илјадници луѓе за неа не е едноставно враќање на работа. Но, како што самата објасни, концертите се и нејзин начин повторно да им се заблагодари на обожавателите кои останаа со неа додека се бореше со болеста.

Поврзани содржини