РЕФОРМИ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ, КАЈ ИДЕНТИТЕТОТ НЕМА ЧЕПКАЊЕ Муцунски од Блед испрати јасна порака за европскиот пат
Шефот на македонската дипломатија побара европскиот пат да служи за трансформација на институциите, а не на идентитетот. Од Блед порача дека проширувањето мора да стане геополитичка одлука, а не бирократска процедура.
Европската интеграција треба да ги трансформира институциите, а не идентитетот на Македонија. Ова е клучната порака што министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја испрати од Бледскиот стратешки форум.
Муцунски побара земјите кандидати да напредуваат според постигнатите резултати. Тој оцени дека проширувањето на ЕУ мора да се води и како стратешко, а не само како бирократско прашање.
– Нашето барање е јасно – европската интеграција да биде модел за трансформација на нашите институции, а не обид за трансформација на нашите идентитети – порача Муцунски.
Тој побара Македонија да биде оценувана според заслугите и усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
Шефот на дипломатијата оцени дека геополитичките промени бараат поинаков пристап кон проширувањето.
„Доколку Европа сака да зборува со јазикот на геополитиката, тогаш проширувањето не може да го гледа низ логиката на бирократијата. Потребна е стратешка визија“, се наведува во соопштението на МНР.
Муцунски се осврна и на безбедносните ризици во регионот. Ги посочи руската агресија врз Украина, активностите на Кина и на Иран, сајбер-влијанието и економските притисоци.
Членството во НАТО, според него, ѝ носи значајна безбедносна предност на Македонија.
Посебно место во обраќањеот на Муцунски добија Коридорите 8 и 10. Македонија е единствената земја во регионот во која се вкрстуваат двата коридора.
„Нашата отпорност е силна онолку колку што е силна нашата инфраструктура“, порача Муцунски.
Министерот оцени дека од Брисел пристигнуваат охрабрувачки сигнали за нов пристап кон проширувањето. Како пример ги посочи Словенија и Хрватска, кои денес имаат силни односи и покрај поранешните предизвици.