ТРИ ТЕЛА ПРОНАЈДЕНИ НА СТРЕЛИШТЕ ВО ЦРНА ГОРА Граѓаните предупредени да останат дома, полицијата го бара сторителот
Тројцата мажи биле вработени на стрелиштето „Чешка збројевка“, а полицијата ги засилила контролите на патот кон Подгорица.
Три безживотни машки тела се пронајдени попладнево во стрелиште во Даниловград, Црна Гора, а полицијата трага по вооружен осомничен за тројното убиство.
Случајот бил пријавен околу 17 часот, кога сопственикот на стрелиштето „Чешка збројевка“ ја известил полицијата дека во објектот затекнал три безживотни машки тела.
Полицијата веднаш излегла на местото на настанот и презела мерки за обезбедување на подрачјето. Во меѓувреме биле засилени контролите на возилата кои се движат од Даниловград кон Подгорица, поради потрагата по осомничениот.
Од Управата на полицијата соопштија дека, по налог на државен обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, се врши увид и се преземаат истражни дејствија за утврдување на сите околности под кои било употребено огнено оружје и дошло до смртта на тројцата мажи.
View this post on Instagram
Жртвите се идентификувани како П.Г. (24) од Подгорица, М.Р. (67) од Даниловград и Н.К. (20) од Подгорица.
Според досега објавените информации, сите тројца биле вработени на стрелиштето.
Полицијата апелирала до граѓаните да бидат внимателни и да останат во своите домови додека трае потрагата по вооруженото лице.
Засега нема официјални информации за мотивот за нападот, ниту за околностите под кои дошло до пукањето.
Истрагата е во тек, а полициските и обвинителските служби работат на утврдување на целосната фактичка состојба, како и на пронаоѓање на осомничениот.
Од полицијата најавија дека јавноста дополнително ќе биде информирана по завршувањето на првичните истражни активности.
Ова е убиецот од стрелиштето во Даниловград?
Управата на полицијата јавно го бара Михаил Николаевич Шабунин (30), државјанин на Руската Федерација, под сомнение дека извршил тројно убиство на стрелиштето „Чешка збројевка“ во Даниловград со употреба на огнено оружје.
„Ги молиме граѓаните да помогнат во пронаоѓањето на ова лице, напоменувајќи дека секое прикривање информации за лицето кое се бара претставува кривично дело“, се наведува во соопштението.
Полицијата објави и фотографии од осомничениот со соопштението.
Полицијата проверува дали побегнал со возило „Сеат Кордоба“ ПГ АЦ 472 по убиствата.
Управата на полицијата ги повикува граѓаните, доколку имаат информации за осомничениот или го забележат, да пријават информации за неговото местоположба и движење на бесплатниот полициски број 122, преку апликацијата „Policija CG“ (Виртуелна полициска станица) или на друг начин.
„Информации за некое лице може да се достават до полицијата анонимно“, велат од полицијата.