ТРАМП ЈА ОСВОИ ВЕНЕЦУЕЛСКАТА НАФТА Договорот меѓу Вашингтон и Каракас гарантира експлоатација и снабдување во следните 25 години

Венецуела располага со над 300 милијарди барели докажани резерви, односно со приближно 17 проценти од светските резерви. Таа е практично неисцрпен извор на "црното злато". Од тој извор сега ќе "пијат" само Американците.

0

Со еден договор што Доналд Трамп го нарече „најголемата нафтена зделка во историјата”, САД обезбедија долгорочна контрола врз експлоатацијата на 65 милијарди барели венецуелска нафта. Енергетскиот пакт меѓу Вашингтон и Каракас ќе важи 25 години и треба да им обезбеди на американските компании пристап до најбогатите нафтени резерви на планетата.

Договорот предвидува формирање нова компанија во која американската страна, според досега објавените информации, ќе има мнозинска оперативна контрола. Таа ќе развива 17 постојни нафтени полиња со проценет потенцијал од 65 милијарди барели, а поширокиот план опфаќа и осум нови блокови на кои допрва треба да почнат истражувања и експлоатација. Се очекува дополнителните договори со приватните оператори, меѓу кои и „Шеврон”, да бидат потпишани наскоро.






Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, тврди дека државата ја задржува сопственоста врз природните богатства и целосниот суверенитет врз нафтата. Но, Трамп го опиша договорот со многу поинаков речник: САД обезбедиле мнозинска контрола врз 65 милијарди барели, без трошок за американските даночни обврзници. Правно, нафтата останува венецуелска, но економски и оперативно, нејзината експлоатација во значителна мера преминува во американски раце.

Стратешка инвестиција на САД

За САД ова е многу повеќе од обична инвестиција во странски нафтени полиња. Американската страна ќе може да ја купува произведената нафта по производствена цена и да ја користи за домашните рафинерии, за обновување на Стратегиските нафтени резерви и за потребите на војската. Нафтата од Венецуела е тешка и кисела, токму од типот за кој се приспособени големите рафинерии на американскиот брег на Мексиканскиот Залив.

Венецуела располага со над 300 милијарди барели докажани резерви, односно со приближно 17 проценти од светските резерви. Сепак, денес произведува само околу 1,25 милиони барели дневно, драматично под својот потенцијал. Причините се повеќедецениското недоволно инвестирање, лошото управување со државната компанија ПДВСА, заминувањето на стручните кадри, распадот на инфраструктурата и американските санкции.

Обновувањето на запоставениот систем на експлоатација ќе трае со години

Првата цел е производството на полињата опфатени со договорот да се зголеми на најмалку 1,5 милиони барели дневно. За тоа ќе бидат потребни околу 100 милијарди долари приватни инвестиции, нова опрема, санација на нафтоводите, терминалите и рафинериите и враќање на странската експертиза. Затоа ефектот врз понудата и цената на нафтата нема да биде моментален: обновувањето на запоставениот систем ќе трае со години.

За Венецуела зделката е обид за економско оживување по долг период на хиперинфлација, недостиг, санкции и масовно иселување. Родригез проценува дека државата во текот на проектот може да наплати околу 209 милијарди долари приходи и даноци, при референтна цена од 65 долари за барел. Според нејзиното објаснување, околу 19 долари од секој произведен и продаден барел треба директно да завршуваат кај венецуелската држава.

Цената што Каракас ја плаќа е откажување од еден од темелите на чавистичкиот економски модел – државниот монопол врз нафтата. Родригез претходно ја отвори индустријата за приватен капитал, со што практично се повлекува линија под национализациите и конфискациите од времето на Уго Чавез. Владата добива пари и технологија, но станува зависна од американските компании, лиценци, пазари и политички одлуки.

Кина е најголемиот геополитички губитник

Најголемиот геополитички губитник може да биде Кина. Пекинг со години ѝ позајмуваше десетици милијарди долари на Венецуела, а дел од долгот се отплаќаше со испораки на нафта. Во периодите на најстроги американски санкции, Кина стана главна крајна дестинација за венецуелските барели, често продавани преку посредници и со големи попусти. Со американската контрола врз производството и продажбата, тој привилегиран пристап може значително да се намали.

Договорот му дава на Вашингтон можност да одлучува каде ќе оди голем дел од идното производство. Тоа значи дека САД можат да ги пренасочат барелите од Кина кон сопствените рафинерии и резерви, да ја ограничат способноста на Каракас да ги користи како отплата на кинески долгови и да го потиснат Пекинг од енергетскиот сектор на Латинска Америка. Останува нерешено прашањето што ќе се случи со старите кинески побарувања, како и со побарувањата на американските компании чии средства беа национализирани.

 Трамп ја намалува и моќта на Русија и на другите извозници од ОПЕК

Зделката ја менува и пошироката нафтена сметка. Дополнителното венецуелско производство би можело постепено да ја намали американската зависност од нестабилните маршрути од Блискиот Исток, да ја зголеми сигурноста на снабдувањето во западната хемисфера и да создаде притисок врз цените. Тоа би ја намалило пазарната моќ на другите извозници, вклучувајќи ги Русија и дел од членките на ОПЕК, иако Венецуела самата останува членка на картелот.

Со оваа зделка, Трамп обезбеди долгорочен оперативен пристап до огромни резерви нафта, на само неколку дена пловидба од американските рафинерии. За Венецуела договорот е шанса повторно да заработува од богатството што со години остануваше под земја. За светот, тоа е пресврт во кој една од најголемите нафтени сили се оддалечува од Кина и повторно влегува во американската економска и безбедносна орбита.

Поврзани содржини