„ВАР“ ЦРТАЛ ЛИНИИ, ПА ПОГРЕШИЛ Шкендија остана без чист гол, ФФМ ќе ги казни судиите
Судиската комисија утврдила дека напаѓачот на Шкендија бил во дозволена позиција. ВАР-судиите погрешно ја завршиле постапката со офсајд-линиите и ќе бидат санкционирани.
Шкендија останала без регуларен гол против Силекс по погрешна ВАР одлука. Судиската комисија на ФФМ ја признала грешката и најавила санкции за ВАР-судиите Стојанче Трпчевски и Мартин Петковски.
Спорниот момент се случил во 37. минута, при резултат 0-0. Шкендија постигнала гол, но тој бил поништен поради офсајд.
ВАР-судиите ја проверувале ситуацијата и цртале офсајд-линии. Токму при таа постапка, според Судиската комисија, била направена клучната грешка.
Напаѓачот на Шкендија бил во дозволена позиција во моментот кога неговиот соиграч ја додал топката.
„Постапката на цртање линии погрешно ја завршува, пропуштајќи да забележи дека последниот дел од телото на напаѓачот не е понапред од претпоследниот одбранбен играч на домашната екипа“, соопштиле од ФФМ.
Од Судиската комисија биле особено критични кон направениот пропуст.
„За жал, согласно Правилата на фудбалската игра и ВАР протоколот несфатливо е како искусен меѓународен судија може да погреши во вака очигледна ситуација, но судиските грешки биле, се и ќе останат составен дел од фудбалската игра.“
ФФМ најавила дека ВАР-судиите ќе бидат санкционирани по целосната анализа на тековното коло.
Грешката не ја чинела Шкендија бодови. Тетовскиот клуб победил на гостувањето кај Силекс, откако двата признати гола ги постигнал во второто полувреме.