Парадоксот на ЕУ-проширувањето

Доколку земји како Црна Гора, Албанија, Македонија, Србија, Молдавија и Украина – и тоа посебно Украина – на крајот на процесот станат членки, потребата на ЕУ за финансиски средства за кохезиска политика, земјоделство, инфраструктура, регионален развој и институционални реформи нагло ќе се зголеми.

0

 Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги собира деновиве на состанок во Берлин своите колеги истомисленици од земјите-членки на ЕУ за да побара остри намалувања во претстојниот долгорочен буџет на Унијата.

Мерц, кој е сè понепопуларен во Германија и е на пат да ги изгуби клучните регионални избори од крајната десница, го отфрли предлогот на Европската комисија за буџет од речиси два трилиони евра за 2028-2034 година. Тој ги повика шефовите на државите на Холандија, Финска, Австрија, Данска и Шведска, додека во исто време претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ја продолжува својата турнеја со посети на европските метрополи за да го сондира теренот пред есенските решавачки преговори за усвојување на повеќегодишниот ЕУ-буџет.






„Вкупниот буџет мора значително да се намали – за стотици милијарди евра“, изјави австрискиот канцелар Кристијан Штокер, повторувајќи го сличниот повик со кој Мерц истапи неодамна. „Неприфатливо е Брисел да дискутира за најголемиот буџет во историјата, додека дома мора да го стегнеме ременот“.

Лидерите што се состанаа во Берлин не само што сакаат намалување на буџетот, туку инсистираат и начинот на кој тој се троши да се префрли од области како земјоделство кон одбрана и безбедност. Не отстапуваат и од своите барања да наметнат услови за да ги спречат владите да добиваат пари доколку ги прекршат демократските норми и владеењето на правото.

Спротивставените гледишта и заложби за димензионирање на европскиот буџет стануваат интересни од повеќе аспекти. Меѓу другото, присутен е и јасен отпор и конфликт околу ЕУ-проширувањето во контекст на долгорочниот буџет за 2028-2034 година, иако овој отпор најчесто се изразува индиректно како дискусија за големината на буџетот, поддршката за земјоделство и кохезијата.

Предлогот на Европската комисија вклучува, значи, околу два трилиони евра, а проширувањето е назначено како експлицитно стратешки приоритет. Но, Европскиот парламент веќе нагласи дека буџетот мора да се реформира за да се справи со идното проширување, бидејќи најважното прашање е, всушност, кој ќе плати и кој ќе ги добие парите.

Доколку земји како Црна Гора, Албанија, Македонија, Србија, Молдавија и Украина – и тоа посебно Украина – на крајот на процесот станат членки, потребата на ЕУ за финансиски средства за кохезиска политика, земјоделство, инфраструктура, регионален развој и институционални реформи нагло ќе се зголеми.

Во последно време се издвојуваат два прилично јасни табора. „Пријатели на кохезијата“ – главно земји од централна и источна Европа, и од јужна Европа – кои не сакаат да се намалат традиционалните придонеси. Шеснаесет земји, вклучувајќи ги Полска, Романија, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Словачка, Словенија и Грција, побараа повеќе пари за земјоделство и регионален развој.

Од другата страна се дел од најбогатите членки на Унијата, таканаречените „фругални“, штедливи земји, кои во најголем обем со својот нето придонес го полнат ЕУ-буџетот. Тие стојат зад најсилните противења за наглото зголемување на буџетот. Токму затоа и проширувањето со прием на нови земји членки во ЕУ станува важно за стеснување на буџетските дупки и затегнување на ременот во бриселските бирократски кругови. Нема никакво сомнение дека нновпримените, посиромашни земји-членки нормално би биле големи нето-приматели на средствата од ЕУ, додека побогатите земји би морале уште повеќе да го зголемат својот нето придонес во заедничката европска каса.

Во секој случај, веќе е констатирано во најширока политичка рамка ,дека ЕУ има посилни причини од порано да се заложи за забрзување на проширувањето. Војната на Русија против Украина го изостри прашањето на безбедносната политика во однос на Западен Балкан, Украина и Молдавија. Но, напоредно на тоа останува фактот дека економски гледано проширувањето и понатаму минава низ мошне потешки фази.

Токму затоа би можело да се рече дека ЕУ се соочува со еден вид „парадокс на проширувањето“. Се почесто се слуша дека на Унијата ѝ е потребно проширување повеќе од порано – но едновремено не може да се заобиколу реалноста дека тоа ќе биде и поскапо и ќе бара поголема прераспределба на парите од ЕУ.

И за какви очекувања може сега да се зборува. На повеќе нивоа созрева сознанието дека претстојните преговори за обемот на европскиот буџет ќе бидат една од најважните индиректни битки околу идното проширување на ЕУ. Главното прашање што се дискутира не е „дали треба да го пуштиме Балканот внатре?“, туку „како би требало ЕУ да финансира унија што би можела да стане значително поголема?“

Што се однесува до Македонија, се разбира дека земјата се наоѓа во интересна позиција во тој контекст. Македонија е економски релативно мала, така што нејзиното членство во ЕУ само по себе не би создало никаков драматичен буџетски товар. Првенствено Украина и, во помала мера поголемите земји од Западен Балкан се тие што ја менуваат пресметката.

Во неодамнешна анализа од ЦЕПС, Центар за европски политички студии, се забележува дека повеќето од сегашните земји-кандидатки – со главен исклучок на Украина – се толку мали што нивното членство би имало само ограничено фискално влијание врз сегашните земји-членки.

Во пакетот прашања што со себе ги носи претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на турнејата низ земјите-членки, проширувањето зазема значајно место. Доколку Исланд одлучи да ги продолжи преговорите со ЕУ, и ако Исланѓаните на вториот референдум во земјата се изјаснат „за“ членството, Исланд, заедно со Црна Гора, како што се проценува, би можеле да станат членки на ЕУ во 2028 година.

Во земјите од нордискиот регион, чиј дел е Исланд, со симпатии се испраќаат позитивни сигнали за можното приклучување на Исланд како полноправна членка на Унијата. Доколку Исланд продолжи со членството, и норвешката дебата би можела да добие нов моментум за забрзување на зачленувањето на Норвешка во ЕУ. Тоа, – како што во свој дебатен напис неодамна истакнаа група европратеници од нордиските земји, – би отворило можност за нешто што долго време недостасуваше: нордиски регион обединет и во ЕУ и во НАТО, со можност да преземе водечка одговорност за слободата, безбедноста и економската сила на Европа.

На Балканот, за жал, е присутна поинаква логика кога се во прашање обединувањето на регионот, соработката и добрососедството. Се чини дека сегашните балкански ЕУ-членки се натпреваруваат во поставување блокади и пречки на европскиот пат на нивните соседи кандидати за членство. Тоа, се разбира, може и понатаму да ги забавува преговорите, но надежите се сепак реални дека интересите за проширување и „заокружување“ на ЕУ и нејзината стабилност, сепак ќе надвладуваат и ќе го истуркаат процесот до крај. Без оглед дали некој и понатаму ќе продоложи упорно и со сета сила да притиска на кочницата.

Ивица Челиковиќ

Поврзани содржини