ИСТОРИСКИ НАЈВИСОКА НАПЛАТА НА КОНЦЕСИСКИ НАДОМЕСТОК Божиновска најави модерно и одговорно рударство
Лани приходите од концесиски надоместоци достигнале над 1,22 милијарда денари, што е историски највисока наплата, а позитивниот тренд продолжува и во 2026 година.
Во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, при што рударството учествувало со 10,9% во индустриското производство и со 2,8% во вкупниот извоз на државата – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на одбележувањето на Денот на рударите.
Таа посочи дека во истата година приходите од концесиски надоместоци достигнале над 1,22 милијарда денари 19,8 милиони евра, што е историски највисока наплата, а позитивниот тренд продолжува и во 2026 година.
– Овие резултати не се случајни. Тие се производ на подобрениот систем на наплата, засилениот институционален надзор, почестите контроли и поодговорниот однос кон користењето на природните ресурси, кои се добра од општ интерес – истакна Божиновска.
Министерката нагласи дека рударството претставува значајна стопанска гранка и основа за развој на многубројни други индустрии, но додаде дека безбедноста на работниците мора да остане врвен приоритет.
– Ниеден тон произведена руда и ниедна инвестиција не вредат повеќе од човечкиот живот. Затоа безбедноста мора да биде култура на однесување во секој рудник, во секоја смена и на секое работно место – истакна Божиновска.
Според неа, целта на државата е развој на модерно, конкурентно и одговорно рударство, усогласено со европските стандарди, со јасни правила, силни институции и грижа за животната средина и локалните заедници.
Претседателот на Македонската асоцијација на рударството, Диме Петрески, пак, рече без суровините што ги обезбедува рударството не може да се замислат современата индустрија, енергетиката, градежништвото и технолошкиот развој.
Тој нагласи дека современото рударство мора да биде одговорно, со високи стандарди за безбедност и заштита на животната средина, при што повика на создавање стабилен и предвидлив амбиент, што ќе овозможи нови инвестиции, отворање работни места и поголем придонес на секторот во економскиот развој.
Деканот на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Ѓорги Димов, посочи дека рударството има длабоки корени во развојот на државата и дека в година ќе бидат одбележани 50 години високо образование во областа на рударството и геологијата. Тој потенцира дека иднината на рударството е неразделно поврзана со заштитата на животната средина и примената на современи технологии.
– Рударството не е професија на минатото, рударството е професија на иднината. Тоа ќе биде рударство со ново лице, побезбедно, поефикасно, дигитализирано и поодговорно кон животната средина и заедниците – порача деканот.
Според него, потребни се кадри што ќе работат со дигитализација, автоматизација, вештачка интелигенција и со принципите на циркуларната економија, а рударството треба да биде побезбедно, поефикасно и поодговорно кон природата и локалните заедници.
По повод Денот на рударите, министерката Божиновска додели благодарници на најуспешните рудари и лица поврзани со рударството.