ПОЛИЦИСКОТО УЧИЛИШТЕ СЕ ВРАЌА ПО 26 ГОДИНИ Над 600 кандидати се бореа за место, МВР ќе прими 310
Иако првично беа предвидени 200 места, ќе бидат примени сите кандидати кои успешно ги поминале селекциите и ги исполнуваат условите.
Околу 300, односно 310 кандидати, ќе бидат примени во повторно воспоставеното Средно полициско училиште, иако првично беше планиран прием на 200 ученици. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека одлуката е донесена откако било утврдено дека има финансиски можности да бидат примени сите кандидати кои успешно ги поминале предвидените селекции, проверки и елиминациони критериуми.
Тошковски, во гостување во утринската програма на Телевизија Алфа, рече дека станува збор за околу 300 кандидати кои ги исполниле условите поврзани со образованието, оценките, поведението, физичките и здравствените карактеристики.
– Вкупната бројка на кандидати кои ги поминаа елиминационите критериуми поврзани со образованието, потребните оценки, поведението, физичките и здравствените карактеристики е околу 300 деца. Направивме детална анализа дали ќе можеме да ги примиме сите, разговаравме со Министерството за финансии и Владата донесе одлука дека ќе можеме да ги примиме сите. Навистина ќе беше жално да испуштиме кое било од тие деца кои ги исполниле условите – истакна Тошковски.
Министерот изрази задоволство од големиот интерес за повторното отворање на Средното полициско училиште. За местата се пријавиле над 600 кандидати, што, според Тошковски, покажува дека младите имаат интерес својата професионална иднина да ја градат во служба на државата и безбедноста на граѓаните.
По 26 години, училиштето повторно започнува со работа од 1 септември, а учениците ќе го продолжат своето образование во трета и четврта година.
Посебно важен дел од најавата е дека учениците по завршувањето на училиштето треба да продолжат како дел од системот на Министерството за внатрешни работи, согласно договорот што Министерството го склучува со нив.
– Сите кои успешно ќе го завршат Средното полициско училиште ќе бидат дел од системот. Министерството за внатрешни работи е должно да ги обезбеди сите потребни услови тие да станат дел од МВР. Убеден сум дека оваа генерација во иднина ќе биде гордост на Министерството за внатрешни работи – нагласи Тошковски.
Во интервјуто министерот се осврна и на резултатите од системот „Безбеден град“, особено на санкционирањето на сообраќајните прекршоци направени со возила со странски регистарски таблички.
Според податоците што ги соопшти Тошковски, за само шест дена биле доставени и наплатени околу 11.500 казни, во вкупна вредност од околу 8,5 милиони денари.
Тој нагласи дека наплатата на казните не е главната цел на системот.
– Човечкиот живот нема цена. Тоа е нашата стратегија и нашата цел. Мораме да излеземе од црните статистики што Македонија со години ги има во споредба со европските држави и убеден сум дека, ако продолжиме со вакво темпо, во следните две-три години можеме значително да се приближиме до европскиот просек – порача Тошковски.
Како најважен показател за ефектот од „Безбеден град“, министерот го посочи бројот на жртви во сообраќајот.
Според податоците што ги изнесе во интервјуто, заклучно со крајот на август минатата година биле регистрирани 96 жртви, додека во истиот период годинава бројката е намалена на 58.
Тошковски информираше и дека продолжува проширувањето на „Безбеден град“ надвор од Скопје.
Според планот, системот на територијата на СВР Велес треба да започне да се применува во првата половина на септември, а до крајот на септември и на подрачјето на СВР Охрид.
Потоа следуваат СВР Струмица и СВР Штип, а се планираат активности и за имплементација на системот на територијата на СВР Битола.
Крајната цел е „Безбеден град“ да биде воспоставен на територијата на целата држава.
Во делот на управните служби, Тошковски оцени дека во изминатите две години е направена значајна промена во начинот на кој граѓаните ги добиваат услугите од МВР.
Тој посочи дека се надминати проблемите со недостигот на обрасци и големите гужви, а услугите се децентрализираат преку отворање дополнителни канцеларии на управните служби.
Тоа, како што објасни, им овозможува на граѓаните да поднесуваат барања, да се фотографираат и да ги подигнуваат документите и надвор од досегашните главни пунктови.
Најави и реконструкција на управните служби во Струмица и Велес, како дел од поширокиот процес на подобрување на условите за граѓаните.
Како еден од следните големи проекти, министерот го издвои планот во иднина личните карти, возачките дозволи и патните исправи да се произведуваат во Македонија.
За таа цел, според Тошковски, се разговара со светски реномирани компании кои би можеле да отворат производствен погон во земјава.
– Целта е Македонија конечно да има свое производство на лични карти, возачки дозволи и патни исправи. Веќе имавме контакти со поголем број светски реномирани компании и се надевам дека оваа година ќе го отпочнеме процесот, за година-две да имаме македонски пасош кој за првпат е произведен во Македонија – истакна Тошковски.