📽️ БУЛДОЖЕРИ ПОВТОРНО „ЗАИГРАА“ НА ХАЛКИДИКИ Општината продолжува да ги ослободува плажите од чадори и лежалки
Општина Полигирос продолжува со отстранување на чадори, лежалки и друга опрема поставена на јавниот простор, додека локалните власти тврдат дека дел од сопствениците на апартмани плажната опрема им ја даваат на туристите заедно со клучевите од сместувањето.
Акцијата за ослободување на грчките плажи од нелегално поставени предмети продолжува на Халкидики. Екипи на општина Полигирос со булдожер отстранија приватни чадори, лежалки и маси од плажата Каливија, со цел повторно да се обезбеди слободен пристап до јавниот простор.
Акцијата започна во 7 часот наутро, а на терен биле отстранети предмети кои со текот на времето останале поставени на плажата и практично го ограничувале просторот достапен за останатите посетители.
Интервенцијата во Каливија е продолжение на акцијата што општинските екипи ја спроведуваат на плажите во Полигирос.
Само неколку дена претходно, околу 100 чадори и лежалки биле отстранети од плажата во Геракини. Според локалните медиуми, дел од нив повторно биле поставени само неколку часа по отстранувањето.
Особено внимание предизвикува практиката на сопственици на апартмани за краткорочно изнајмување, кои на гостите им обезбедуваат лежалки и чадори на плажата како дел од услугата за сместување.
Заменик-градоначалникот на Полигирос, Василис Фардогијанис, за грчката новинска агенција АПЕ-МПЕ изјави дека општината ја забележала оваа практика.
Според него, дел од сопствениците на апартмани заземаат јавен простор, а на гостите им го предаваат и „клучот“ за одреден чадор на плажата.
– Намерата на градоначалникот и општината е пристапот до плажата да биде отворен за сите граѓани, не само за привилегираните или за оние што имаат среќа да поседуваат куќа веднаш на плажа, туку за сите – вели Фардогијанис.
Тој посочи дека постојат апартмани кои се купени и нелегално зафаќаат јавен простор.
– Заедно со клучот од собата што му го предаваат на закупецот, тие го предаваат и клучот што одговара на еден чадор на плажата – рече заменик-градоначалникот.
Чадорите, лежалките и останатата опрема што се отстрануваат во рамки на акцијата се третираат како отпад и се носат во објект за рециклирање.
Целта на општината е плажите да останат достапни за сите посетители и јавниот простор да не биде претворен во приватна зона за одредени гости или сопственици на имоти.
Акциите на Халкидики во изминатиот период покажуваат дека грчките локални власти сè поактивно се справуваат со нелегалното заземање на плажите со чадори, лежалки и друга опрема.
КРАЈ ЗА ЗАКЛУЧЕНИТЕ ЛЕЖАЛКИ НА ХАЛКИДИКИ Општината испрати багер за да ја расчисти плажа