ПОЖАР ИЗБИ КАЈ ГРАДСКО Пренасочени се ер-тракторите од Китка
Првиот човек на ДЗС наведе дека итно биле испратени противпожарни екипи од Велес, Неготино и Кавадарци, но не биле доволни да се сопре огнената стихија којашто се движела со голема брзина, поради што ги пренасочил ер-тракторите коишто од рано утрово дејствувале на големиот пожар на планината Китка.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов информира дека денеска избил пожар во Општина Градско, а поради неговото ширење пренасочени биле и ер-тракторите.
– Пред околу 11 часот изби тежок пожар на територијата на општина Градско, во атарот помеѓу селата Горно Чичево и Долно Чичево. Пожарот најверојатно е започнат од стрниште, но поради високата и сува трева и ветерот којшто овде дува, се раширил со голема брзина загрозувајќи ги двете села. Ми се јави итно градоначалникот на општина Градско, бараше итна помош – рече Ангелов.
Првиот човек на ДЗС наведе дека тука итно биле испратени противпожарни екипи од Велес, Неготино и Кавадарци, но не биле доволни да се сопре огнената стихија којашто се движела со голема брзина, поради што ги пренасочил ер-тракторите коишто од рано утрово дејствувале на големиот пожар на планината Китка.
– Ги пренасочив овде, помогнаа за почетно фаќање контрола врз овој пожар, а веднаш потоа продолжи со дејство и полицискиот хеликоптер. Голема благодарност и до локалното население коешто со трактори излезе да заора, да направи противпожарни пресеки и со тоа да го пресече овој пожар. Се надевам дека набргу истиот ќе биде целосно изгаснат – истакна Ангелов во видео изјава.