📽️ ЗЕЛЕНСКИ ЈА РАЗРЕШИ, ПА ЗАВРШИ ВО ПРИТВОР Поранешната заменичка осомничена во голема корупциска афера
Поранешната заменичка на шефот на Канцеларијата на украинскиот претседател е осомничена во истрага за наводна корупциска шема со 150 милиони гривни.
Поранешната заменичка на шефот на Канцеларијата на украинскиот претседател, Ирина Мудра, е уапсена во рамки на голема антикорупциска истрага во Украина.
Вишиот антикорупциски суд ѝ одредил притвор од 60 дена, со можност да биде пуштена со кауција од 20 милиони украински гривни, односно околу 383.700 евра.
Мудра пред судот била прашана дали има доволно пари да ја плати кауцијата. Таа одговорила дека делумно располага со сопствени средства, но дека смета и на помош од пријатели и познаници.
– Имам многу пријатели и многу контакти. Ќе ве потсетам колку години имам. За ова време собрав доволно контакти – изјавила Мудра.
Украинското Национално антикорупциско биро (NABU) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (SAPO) на 19 август ја прогласиле Мудра за осомничена во рамки на специјалната операција „Forest Gamp“, насочена кон откривање и сузбивање корупција на високо ниво.
Според истрагата, Мудра наводно била поврзана со криминална група во која биле високи украински функционери, актуелни и поранешни пратеници, како и раководители на државна банка.
Истрагата се фокусира и на наводна шема за легализирање на околу 150 милиони гривни во готовина.
Според украинските власти, парите преку фиктивни компании биле префрлани на сметки за да се обезбеди кауција за еден од членовите на криминалната организација во друг случај, познат како „Мидас“.
💰 В мене є частково свої гроші, є гроші знайомих і друзів. Я спробую знайти таку суму. Я нагадаю, скільки мені років. За цей час в мене достатньо контактів зібралося, — Ірина Мудра про заставу у 20 млн грн pic.twitter.com/T51FamKvOy
— Breaking News (@breakingUAnews) August 25, 2026
Во објавените снимки од разговори се појавува името „Герман“, а сумата наводно се совпаѓа со износот на кауцијата за поранешниот министер за енергетика Герман Галушченко.
Само неколку часа откако беше објавено дека Мудра е осомничена, украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишал указ со кој ја разрешил од функцијата заменичка на шефот на претседателската канцеларија.
Мудра на таа функција била задолжена, меѓу другото, за правосудството, правната политика и координацијата со меѓународните судови.
Зеленски, коментирајќи го случајот, рекол дека за деталите дознал заедно со јавноста, но дека информациите што биле објавени биле доволни за да донесе итна одлука.
Судското рочиште започнало на 21 август, а продолжило на 24 и 25 август.
Iryna Mudra, zastępca szefa kancelarii Zelenskiego, wyprowadzana w kajdanach…
dlaczego tylko ona ⁉️ pic.twitter.com/vqYsLq5Jmc
— Tomek Niewęgłowski (@tomek525) August 25, 2026
Адвокатите на Мудра побарале одложување поради влошување на нејзината здравствена состојба. Судот делумно го прифатил барањето и го одложил излагањето на адвокатите.
Одбраната претходно побарала и судењето да биде затворено за јавноста, со образложение дека се откриваат приватни информации поврзани со семејниот живот на осомничената. Барањето било одбиено.
Случајот е дел од пошироката антикорупциска акција во Украина, во која истражителите ги проверуваат наводите за корупција и финансиски шеми што опфаќаат високи функционери.