МАКЕДОНСКИТЕ ПРАТЕНИЦИ АЛБАНЦИ Ѝ СВРТЕА ГРБ НА УКРАИНА? Не се појавија на собраниската свеченост за 35 години од украинската независност

Нашата поддршка не е само политичка, таа е, пред сè, човечка, и не е само дипломатска, таа е и материјална и морална, со сè она што можеме како држава во рамките на нашите капацитети да ѝ го дадеме на Украина во денешните услови – рече Милошоски на сесијата во Собранието.

231

Никој од пратениците-Албанци во македонското Собрание не се појавија одбележувањето на 35 години од независноста на Украина што се одбележа со специјална седница на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа.

Парламентарната група за поддршка на Кримската платформа на Собранието е формирана во октомври 2024 година, по иницијатива на претседателот на Собранието Африм Гаши, како израз на поддршка на Украина по руската нелегална анексија на Крим. Сепк, ниту Гаши, ниту еден од 10-те члена на групата пратеници, од албанските партии, не се појави на денешната прослава на Денот на независноста на Украина. Засега нема потврда дали станува збор за организиран бојкот или спонтана реакција на претениците Албанци од различни партии и политички определби.






Тие му замеруваат на украинскиот претседател Володимир Зеленски за неодамнешната изјава при посетата на Белград – дека Украина ги почитува меѓународното право и територијалниот интегритет на Србија. Таа изјава ги налути и Косовците, по што во Приштина беше симнато огромното украинско знаме, што беше истакнато на висококатница во главниот град на Косово, како симбол за поддршка на таа земја за време на конфликтот во Украина.

– Во истиот момент кога украинскиот претседател Зеленски се изјасни дека Косово е во составот на Србија, не може да ја има нашата поддршка. Во знак на протест решив да не дојдам на сесијата за независноста на Украина во Собранието, ниту, пак, во иднина ќе учествувам на каква било манифестација и одбележување во врска со Украина, изјави пратеникот Ријад Шаќири.

Од партијата ДУИ велат дека дел од пратениците се отсутни поради годишните одмори, а дел не биле информирани. Не беше присутен ни Сали Мурат од партијата на Турците, како и независниот пратеник Илир Демири, кој негира дека намерно ја бојкотирал сесијата.

Бидејќи претседателот на Интерпартиската група, собранискиот спикер Африм Гаши, не присуствуваше на сесијата, а наместо него, воведно обраќање имаше потпретседателот на Парламентот Антонијо Милошоски.

Милошоски во обраќањето рече дека Македонија е солидарна со украинскиот народ.

– Го сметаме украинскиот народ за братски народ, но исто така го сметаме и за нераскинлив дел од мозаикот на европските народи. Нашата поддршка не е само политичка, таа е, пред сè, човечка, и поддршката не е само дипломатска, таа е и материјална и морална и со сè она што можеме како држава во рамките на нашите капацитети да ѝ го дадеме на Украина во денешните услови – рече Милошоски.

Тој додаде дека мирот не значи само прекин на конфликтот, туку создавање услови Украина да може слободно и безбедно да ја гради својата иднина и да се развива.

Украина на 24 август 1991 година го усвои Актот за прогласување независност, со што ја обнови својата државност по распадот на Советскиот Сојуз. Годинава земјата ја одбележува 35-годишнината од тој настан во услови на војна со Русија.

Одбележувањето во Скопје е дел од парламентарната поддршка за Украина и активностите поврзани со Кримската платформа, меѓународна иницијатива насочена кон прашањето за Крим и територијалниот интегритет на Украина.

Поврзани содржини