Општина Центар денеска и утре спроведува вонредна дератизација на повеќе критични локации на територијата на општината, поради зголемена појава на глодари.
Со акцијата ќе бидат опфатени локации во Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец и Кале, каде што е забележана зголемена појава на глодари и каде што има пријави од граѓаните.
– Ќе продолжиме да ја следиме состојбата и ќе реагираме секаде каде што ќе има потреба. Ги повикувам граѓаните да ги пријавуваат ваквите појави за да можеме навремено да постапуваме – рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Вонредната дератизација ќе се спроведе на следните локации:
Капиштец – улица Загребска бр. 28, спроти Биотек (поранешно КТК), кај контејнерите.
Дебар Маало – улица Радњанска, кај контејнерите, просторот околу Пазарот Буњаковец и дел од улица Рузвелтова.
Буњаковец – улица Борка Талески, од ООУ „Ј. Х. Песталоци“ до Грчката амбасада, како и крстосницата на улицата Стефан Јакимов Дедов со улицата Апостол Гусларот, вклучително и шахтите околу запуштениот објект до ООУ „Ј. Х. Песталоци“, Катната гаража и бараките на ЈП „Комунална хигиена“.
Кале – улица Лазар Личеноски, во близина на Спортска медицина и Царинската управа.
Од Општина Центар апелираат граѓаните да бидат внимателни при движење на наведените локации во периодот додека трае акцијата и да не ги поместуваат или оштетуваат поставените средства за дератизација.