СОБРАНИЕТО ДЕМАНТИРА ДЕКА ПЛАЌА ПРИВАТНО ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ ЗА ПРАТЕНИЦИТЕ И ЗА ВРАБОТЕНИТЕ Станува збор за пакет за задолжителни систематски прегледи

Jавната набавка што ја спроведува Собранието е за конкретни здравствени и превентивни прегледи во рамки на систематскиот преглед, а не за набавка на полиси за приватно здравствено осигурување, се наведува во реакцијата на Собранието.

723

Собранието на Република Северна Македонија не плаќа и не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во Собраниската служба, се наведува во демантот на објавите во повеќе медиуми пласирани вчера.

Собранието ја информира јавноста дека станува збор за неточно и манипулативно претставување на фактите.






Од Собранинето појаснуваат дека постапката на која се повикуваат медиумските објави се однесува на обезбедување систематски, односно превентивни здравствени прегледи, кои претставуваат законска обврска на работодавачот, а не дополнително или приватно здравствено осигурување.

Согласно член 22 став (1) од Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци. Оваа законска обврска не се однесува само на Собранието, туку се применува на работодавачите во јавниот и во приватниот сектор, согласно одредбите на Законот.

Видот, начинот и обемот на овие прегледи дополнително се уредени со Уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените, донесена врз основа на член 22 од Законот за безбедност и здравје при работа. Прегледите ги врши овластена здравствена установа од областа на медицината на трудот.

„Оттука, јавната набавка што ја спроведува Собранието е за конкретни здравствени и превентивни прегледи во рамки на систематскиот преглед, а не за набавка на полиси за приватно здравствено осигурување.

Станува збор за две суштински различни категории.

Приватното здравствено осигурување подразбира склучување осигурителна полиса со осигурително друштво со која на осигурените лица им се покриваат определени здравствени услуги во согласност со условите на полисата. Собранието нема склучено такво осигурување за пратениците и вработените во Собраниската служба.

Во конкретниот случај се работи за јавна набавка на здравствени услуги за реализација на систематски преглед, кој Собранието, како институција и работодавач, е должно да го обезбеди согласно законските прописи.

Дополнително, ваквите систематски прегледи не претставуваат нова практика или новововедена привилегија. Собранието и во претходните години спроведувало постапки за набавка на превентивни здравствени прегледи, токму заради исполнување на обврските што произлегуваат од прописите за безбедност и здравје при работа.

Собранието во целост ја почитува слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана и да ги анализира начините на трошење на буџетските средства. Истовремено, очекуваме информациите што се однесуваат на работата на Собранието да бидат презентирани точно, целосно и со јасно разграничување меѓу факти и интерпретации.

Уште еднаш потенцираме, Собранието на Република Северна Македонија не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во Собраниската служба. Станува збор за систематски и превентивни здравствени прегледи кои се спроведуваат согласно законска обврска на работодавачот.

Апелираме до медиумите што ја пренесоа неточната или непрецизно формулирана информација да го објават овој демант и да извршат соодветна корекција на содржините со цел јавноста да биде правилно и целосно информирана“, се наведува во реакцијата од Собранието.

Поврзани содржини