СИТЕ ГОЛФЕРИ САМИ СИ ГИ НОСАТ ТОПКИТЕ, САМО НА ТРАМП НАТАЛИ Дали американскиот претседател е во љубовна врска со личната секретарка?

Интимните писма, голф-викендите и една реченица што го запали Вашингтон. Кабинетот на Трамп остро ги отфрла шпекулациите.

566

Дали 80-годишниот американски претседател Доналд Трамп има љубовна врска со својата 35-годишна лична асистентка Натали Харп?

Прашањето последниве денови стана тема во американските медиуми и на социјалните мрежи, но засега нема објавен доказ дека меѓу Трамп и Харп постои романтична или сексуална врска. Она што е документирано е нејзината невообичаена блискост со претседателот, постојаното присуство покрај него и неколку мошне лични писма што таа му ги испраќала.






Заедно во авионот подарен од Катар

Приказната експлодираше по настапот на демократскиот сенатор од Џорџија Џон Ософ на 16 август. Критикувајќи го Трамп дека повеќе се занимава со сопствени активности отколку со претседателската работа, Ософ рече дека тој сака да ја гради својата балска сала и да „патува со Натали“ во авионот подарен од Катар. Ософ не изнесе директно тврдење дека тие се љубовници, но алузијата беше доволна за интернетот и медиумите да почнат да поставуваат прашања за природата на нивната врска.

Реакцијата на Белата куќа беше жестока. Кога новинарката на Си-Ен-Ен Кристен Холмс го праша Трамп за изјавата на Ософ, претседателот го нападна сенаторот и ја прекори новинарката поради прашањето. Тимот за брзи реакции на Белата куќа потоа ја нарече Холмс „срам“ за професијата и во нападот ги спомена и нејзините деца. Портпаролот Дејвис Ингл ја опиша Харп како „една од најлојалните и највредните“ соработнички на претседателот, а настапот на Ософ како недоличен.

Што му пишувала Натали на Трамп?

Дополнително внимание предизвикаа писмата што Харп му ги пишувала на Трамп во 2023 година. Во нив таа му изразува исклучително силна лична приврзаност, го нарекува свој „чувар и заштитник“ и пишува дека тој ѝ е најважен и дека не сака никогаш да го разочара. Во писмата се појавуваат и изрази на љубомора кон луѓето кои имаат можност неформално да поминуваат повеќе време со него.

Писмата беа претходно опишувани во медиумите, а оваа недела беа објавени многу подетално, што повторно ги засили шпекулациите за нивниот однос.

Голфот во приказната

Во центарот на вниманието се најде и голф-викендот во Бедминстер, кој се совпадна со 35. роденден на Харп. Додека Трамп го следеше финалниот круг на турнирот LIV Golf New York во својот клуб во Њу Џерси, Харп беше постојано во негова непосредна близина, со документи и телефони во рацете. Фотографии и видеа ја покажаа како го следи претседателот и со сопствено голф-возило. Таа беше со него во Бедминстер и следниот викенд, кога Трамп се сретна со млади победници на голф-натпревар.

Со Бедминстер е поврзана и една постара, многу понеобична приказна. Новинарот и автор Мајкл Волф во книгата All or Nothing” тврди дека Харп едно лето престојувала дури и во женската соблекувална во голф-клубот за да може постојано да биде во близина на Трамп. Тврдењето беше пренесено во повеќе американски медиуми, но нема независна јавна потврда дека епизодата се случила токму на начинот опишан од Волф.

Друг неодамна објавен случај се однесува на 2023 година, кога Харп, по расправија затоа што за неа немало место во претседателската колона, наводно се возела во багажниот простор на едно од возилата за да може да го придружува Трамп до судот во Њујорк.

Зошто ја викаат “човечки печатат?

Натали Харп влегла во кругот на Трамп откако јавно тврдеше дека законот „Right to Try“, потпишан од него во првиот мандат, ѝ помогнал во лекувањето од рак. Таа зборуваше на Републиканската национална конвенција во 2020 година, потоа работеше како водителка во конзервативната телевизија One America News, а во 2022 година му се приклучи на Трамп. Денес нејзината официјална функција е специјална и извршна асистентка на претседателот. Поради навиката постојано да му печати статии, пораки и други материјали што сака да ги чита на хартија, меѓу соработниците го добила прекарот „човечки печатач“.

Нејзината близина до Трамп оди многу подалеку од носење испечатени текстови. Харп учествува во подготвувањето и објавувањето на неговите пораки на Truth Social, патува со него и практично функционира како еден од филтрите преку кои информациите стигнуваат до претседателот. Особено внимание привлече фактот дека минатиот месец таа беше меѓу малата група избрани соработници што заминаа со Трамп со друг, обезбеден авион од Турција поради проценка за можна иранска закана. Новинарката на „Њујорк тајмс“ Меги Хаберман неодамна ја опиша Харп како нешто слично на Трампово „ќебенце за утеха“ – личност чие присуство му дава чувство на сигурност.

Наспроти нападите и инсинуациите, досега ниту еден кредибилен американски медиум не објавил доказ дека Трамп и Харп имаат љубовна афера. „Индипендент“, анализирајќи ја лавината шпекулации, експлицитно забележува дека необично блиските писма и однесувањето можат да бидат оценувани како претерано приврзани, но не претставуваат доказ за афера. Дури и поранешниот демократски конгресмен Макс Роуз, во телевизиска дискусија на Си-Ен-Ен, реагираше на гласините со груба шега дека, со оглед на возраста и здравствената состојба на Трамп, претседателот можеби физички не би бил способен за таква афера. Во јавноста, сепак, остануваат писмата, голф-викендите, постојаните заеднички патувања и исклучителниот пристап што Натали Харп го има до американскиот претседател.

Поврзани содржини