ЗЕМЈИТЕ НА ЕУ ТЕШКО НАОЃААТ ПАРИ, А УШТЕ ПОТЕШКО ЛУЃЕ ЗА ЕВЕНТУАЛНА ВОЈНА СО РУСИЈА Како да се регрутираат 100.000 војници за првата битка?
Ако Европа мора да ја организира својата одбрана без значајна американска воена помош, би ѝ биле потребни околу 300.000 дополнителни војници, односно приближно 50 нови бригади, проценуваат воени експерти.
Европа забрзано купува оружје, нарачува тенкови, ракети и муниција и издвојува стотици милијарди евра за одбраната. Но, на патот кон поголема воена моќ се појави проблем што не може да се реши само со пари – кој ќе го носи оружјето? Европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус предупредува дека европските земји мора да бидат способни брзо да распоредат околу 100.000 војници ако сакаат да одвратат евентуален руски напад.
Кубилиус ја опишува можната ситуација вака: да се замисли 2030 година, кога, според проценки на разузнавачките служби на кои се повикува, Русија би можела да биде подготвена да го тестира НАТО. Ако Москва концентрира 100.000 војници на границите на ЕУ и НАТО, Европа би морала за кусо време да префрли приближно ист број војници, заедно со нивното оружје и опрема. Тоа е огромен логистички предизвик, но уште поголем проблем е дали тие луѓе воопшто ќе ги има.
ЕУ собира 800 милијарди евра
Финансискиот дел од европското вооружување веќе е ставен на маса. Европската комисија претстави план што треба да овозможи мобилизирање до 800 милијарди евра за зајакнување на одбраната. Но, уште во 2024 година Европскиот парламент предупреди дека вооружените сили во Европа имаат сериозни проблеми со регрутирањето нови луѓе и со задржувањето на постојните војници. Истражувањето на европската организација на воени здруженија ЕУРОМИЛ покажува дека проблемот е распространет низ континентот.
Во анкетата на ЕУРОМИЛ учествувале воени здруженија од Белгија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Ирска, Италија, Малта, Холандија, Португалија, Шпанија и Шведска. Повеќето го оцениле регрутирањето како „проблематично”, а задржувањето на војниците како „проблематично” или дури „критично”. Посебно загрижува податокот дека воениот персонал често ја напушта службата по околу десет години, токму кога веќе има стекнато значајно искуство.
Војниците имаат ниски плати
Причините се прилично приземни. Армиите мора да се натпреваруваат со приватниот сектор за младите и образовани работници, а платите и условите за работа често не се доволно привлечни. Меѓу главните причини поради кои војниците заминуваат се ниските примања, тешкотиите да се усогласат службата и приватниот живот и општите услови за работа. ЕУРОМИЛ предлага повисоки плати и пензии, подобра рамнотежа меѓу работата и семејството и ограничување на работното време.
Уште покомплицирано е прашањето со резервистите. На модерната армија не ѝ се потребни само пешадијци, туку и информатичари, експерти за сајбер-безбедност, медицински лица, инженери и специјалисти за логистика. Идејата е дел од нив да останат цивили кои периодично ќе се обучуваат и ќе можат да бидат повикани кога ќе бидат потребни. Но, директорот на Институтот на ЕУ за безбедносни студии Стивен Евертс посочува на практичен проблем: зошто една приватна ИТ-компанија би сакала редовно да го ослободува својот експерт за да оди на воена обука?
Задолжителниот воен рок е решение?
Затоа повторно се појавува прашањето што Европа со децении го сметаше за затворено – задолжителниот воен рок. Во анализите за идните потреби на НАТО се споменуваат две главни можности: значително поуспешно доброволно регрутирање или некоја форма на селективна регрутација. Германија веќе воведе законски промени со задолжителна воена регистрација, но тоа предизвика и протести, особено меѓу младите.
А бројката од 100.000 војници можеби е само почеток. Анализа на бриселскиот институт „Бројгел” и Институтот за светска економија во Кил процени дека, ако Европа мора да ја организира својата одбрана без значајна американска воена помош, би ѝ биле потребни околу 300.000 дополнителни војници, односно приближно 50 нови бригади. За нив би биле потребни и околу 1.400 нови главни борбени тенкови и 2.000 борбени возила на пешадијата.
Проблемот, според експертите, веќе не е само во бројноста на армиите, туку и во односот на европските општества кон воената служба. Децении релативен мир, професионализацијата на армиите и укинувањето на задолжителниот воен рок во многу земји создадоа генерации за кои војската повеќе не е вообичаен дел од животот. Кога германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека Бундесверот треба да стане најсилната конвенционална армија во Европа, планот наиде и на значителна резервираност во германската јавност.